Женскиот фудбалски клуб Љуботен од Тетово неодамна, по победата над ЖФК СЦ Истатов од Дојран успеа да се искачи на врвот на Првата женска фудбалска лига по што ја добива честа да ги игра квалификациските натпревари за пласман на европско клупско натпреварување. И воедно да покаже дека фудбалот не е само машки спорт.
Клубот на плавите – псевдоним под кој ги препознаваат љуботенките е спој на младоста и искуството, но она што ја зачини сезоната 2021/2022 со 17 победи и само еден пораз е всушност желбата за упорност и дисциплина на играчите кои се на возраст од 14 до 33 години и каде освен домашни има пет играчи од Србија, Венецуела и Бразил.
„Според мене клучните работи што го дефинираа нашиот успех се трудот, упорноста, истрајноста и најважното, вербата во себе. Без оглед на тоа за кој противник станува збор, во текот на целата сезона имавме интензивни тренинзи и огромна посветеност што ни овозможи да стигнеме до оваа титула“, раскажува Анџела Миловановиќ, која живее во населбата Велики Борак во Белград, Србија, а од неодамна стана дел од Љуботен, што за неа е големо достигнување во нејзината кариера.
Росана Китановска која има само 14 години и веќе умешно чекори кон фудбалските успеси смета дека за една фудбалерка најважно е многу да вложува во себе и постојано да работи.
„За мене е голема чест да бидам дел од овој тим затоа што за добра тимска игра најважна е комуникацијата и односот помеѓу играчите и надредените. Таа комуникација во овој тим е на високо ниво. Ние сме едно големо семејство и пресреќни сме што сите заедно го постигнавме овој успех“, раскажува младата фудбалерка.
Скорешната победа за клубот е особено значајна, покрај тоа што заслужено се впишуваат како македонски шампиони, тие за прв пат од формирањето ја освојуваат и шансата за влез во највисоко рангираниот куп на светско ниво во клупски фудбал – европскaта Лига на шампиони што започнува во август.
„Победа е можеби само збор, но за нас значеше многу и предизвика излив на емоции па дури и солзи од среќа кај сите. Беше магично, забележаваме гордост кај оние кои се радуваа исто колку и ние. Во еден момент ми навреа сеќавања на нашата напорна работа, а тоа беше денот кога сето тоа се исплатеше, и чувството е навистина неописливо“, споделува Китановска.
Љуботенките тренираат 4 до 5 пати во неделата, тоа често се претвора и во два тренинга дневно, а натпреварите доаѓаат дополнително. Зимава имале и висински тренинзи на Попова Шапка каде интензитетот се зголемил до тренирање три пати на ден, а потоа работеле на постигнување техника и тимско играње.
„Изминатава полусезона се покажа успешна, но во идната сезона планираме и дополнување и надоградување на начинот на работа што веруваме како досега и понатаму ќе ни носи успеси“, забележува Ивица Радониќ, генералниот секретар на клубот кој од скоро ја презеде и тренерската палка во тимот.
Радониќ заедно со кондициониот тренер Филип Павловски и Перо Јованоски и Драгољуб Јованоски кои работат во раководството на клубот успеаја да го доведат тимот на плавите на врвот на македонската лига, а нивните стремежи кон Европа ветуваат клубот да се придвижи кон уште и бројни победи на фудбалскиот терен.
„Беше потребно деноноќно работење како на теренот а уште повеќе и надвор од него, но тоа ни ја подари шансата да ја почуствуваме магијата што ја носи Лигата на Шампионите. Верувам дека секој во оваа професија би сакал да искуси да биде рамо до рамо со најдобрите европски екипи и притоа поаѓам од себе, бидејќи ова сум го сакал уште од детството и поради тоа се трудиме најдобро што можеме“, вели тренерот Радониќ.
Имињата на противничките тимови за претстојните квалификациски натпревари ќе бидат извлечени на 24 јуни во Нион, седиштето на Унијата на европски фудбалски асоцијации. Дотогаш фудбалерките се на заслужен одмор, а со тренинзи ќе започнат кон почетокот на јули, но кон тимот како што велат од раководството ќе се приклучат уште играчи со домашна и меѓународна препознаеност.
„Се надевам дека нема да играме само епизодна улога, туку баш напротив со новите засилувања на тимот сакам да покажеме дека не одиме со бело знаме на европските натпревари без разлика од нашите противници“, посочува Радониќ.
За следните предизвици на зелено-белиот терен ентузијастично размислуваат и љуботенките.
„Ова е клуб во којшто како мала започнав да тренирам. Затоа би сакала да останам и да бидам дел од него и заедно да постигнеме уште поголеми успеси во иднина. Верувам дека од наша страна ќе биде даден максимумот и се надевам дека ќе постигнеме многу заеднички успеси. Чест е Македонија да го има тетовскиот клуб ‘Љуботен’ како свој претставник во Европа!“, поентира Ангела Ванеска, која има 15 години, а веќе седум тренира и игра во годинешниот шампионски клуб.
Анџела Миловановиќ се надева дека и во иднина ќе биде дел од многубројните победи на нејзиниот тим.
„Тимовите од Европа за сега се на некое повиоско ниво од нас и знаејќи го тоа верувам дека ќе биде тешко да се дојде до победа, но знам дека јас и мојата екипа ќе дадеме сѐ од себе да оствариме што подобри резултати“, забележува Миловановиќ.
Ангела Бошкоска