Независниот академски синдикат бара од министерот за образование и наука, Арбер Адеми, итно да ги преиспита и поништи сите акти на Интеруниверзитетската конференција кои го поткопуваат интегритетот и легитимитетот во вршењето високообразовна дејност. Оттаму ја поздравија реакцијата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), во врска со неправилностите во работењето на Ректорот на УКИМ и Интеруниверзитетската конференција.
Антикорупциската комисија претходно по анонимна пријава го разгледуваше изборот на Интрауниверзитетската конференција на УКИМ и побара од Министерот за образование да ги суспендира сите одлуки донесени од оваа конференција како и да ги поништи одлуките за избор на членови во Националниот совет за високотo образование, одборот за акредитација и одборот за евалуација.
За истиот случај реагираше и НАКС, но тие се’ уште не добиле одговор.
„Пред речиси четири месеци ги образложивме истите наводи и ги поднесовме истите барања како и ДКСК за работењето на Интеруниверзитетската конференција. Со оглед на фактот дека академската заедница треба да биде пример во општеството, а во својот демант ректорот не ги адресираше воопшто овие прашања, апелираме за што поскоро расчистување на случајот и неутрализирање на штетните последици. Ваквото дејствување на Интеруниверзитетската конференција покрај тоа што го руши угледот на фелата, придонесе и за неможност да се формираат телата предвидени за обезбедување на квалитет во високото образование согласно новиот Закон за високо образование, а мандатот на стариот Одбор за акредитација и евалуација е веќе истечен, заради што сите постапки во врска со нови акредитации и реакредитации на високообразовните установи се спроведуваат во правен вакуум“, велат од НАКС.
Антикорупционерите побараа да се повтори и изборот на членови на Интрауниверзитетската конференција која била конституирана без претседателите на студентските собранија, актите за работа биле донесени со задоцнување од две години, не била исполнета обврската за јавност и транспаретност, не била изготвена веб страница и огласот за членови на одборот за евалуација и акредитација не биле објавени согласно закон.
НАКС алармира на неправилности и злоупотреби во работењето на Интеруниверзитетската конференција