Независниот академски синдикат (НАкС) бара Министерството за образование и наука (МОН) навремено да ги исплаќа платите, тврдејќи дека во изминатиот период станало зачестена пракса платите на вработените во јавните универзитети да се исплаќаат со задоцнување, надвор од законски предвидените 15 дена по изминување на исплатниот период.
На овој начин, според нив се загрозува правната сигурност на вработените на јавните универзитети и се прекршуваат одредбите од член 109 од Законот за работни односи и член 66 од Колективниот договор за високото образование и наука. Дополнително, од НАкС велат дека работниците, особено оние чиишто плати се на ниво на минималната плата или блиску до неа се доведуват во исклучително незавидна и понижувачка економска положба.
„Имајќи предвид дека наставниот кадар во високото образование многу често е принуден да ги плаќа од сопствени средства службените патувања за учество на конференции и стручни средби, како и набавката на неопходната стручна литература, со ненавремената исплата на платата сериозно се доведува во прашање и извршувањето на редовните работни обврски кои се предвидени со договорите за вработување. Сите овие задоцнувања се направени без претходно писмено известување од работодавачот, за евентуалната промена на денот на исплаќање, како што впрочем е наведено во чл.109 ст.4 од ЗРО, во кој стои ‘Работодавачот е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето’“, велат од НАкС.
За се ова, тие го известиле и министерот за образование и наука, за кој велат дека ја контролира законитоста на работењето на високообразовните институции и има обврска да се грижи за почитување и имплементација на колективниот договор. Од синдикатот бараат во најкус можен рок транспарентно да бидат образложени причините за задоцнувањата и да бидат преземени сите мерки во надлежност на МОН за почитување на законските одредби и навремена исплата на платите.
„Квалитетот на високото образование и науката, што во овие години на континуирана светска кризна состојба е сериозен предизвик за сите општества, не може да се обезбеди доколку вработените во високообразовните институции ги немаат основните услови за
работа и егзистенција“, порачуваат од НАкС.