Независниот академски синдикат (НАкС) преку соопштение до јавноста изрази поддршка на барањата на студентите за заштита на студентскиот стандард.
Од Синдикатот велат дека во намерата да го стегне ременот, Владата посегнала по ускратување на правото на студентски оброк за голем дел од студентите во државава, како и намалување на трошоците за обнова на студентските домови.
„Целта на мерката за субвенциониран студентски оброк е подобрување на достапноста до оброк за сите студенти. Нејзиното евентуално укинување го нарушува студентскиот стандард и значително ќе ги зголеми трошоците за студирање, особено на студентите кои доаѓаат од семејства кои остваруваат доход блиску до минималниот. Имајќи предвид дека инфлацијата во земјата ја изеде и онака ниската куповна моќ на граѓаните, кратењето на субвенционираниот студентски оброк не е и не може да биде мерка за зачувување на студентскиот стандард“, велат од НАкС.
„Дополнително, Владата најави и намалување на трошоците за реновирање на студентските домови, а управите на студентските домови најавија мерки за штедење. Потенцираме дека овие мерки не смеат да го загрозат достоинството на студентите кои престојуваат во студентските домови, ниту пак да резултираат со престој во ладни простории. Апелираме надлежните при дизајнирањето на мерките за штедење да имаат разбирање за потребите на студентите и да овозможат нормални услови за престој во студентските домови, но и да ги продолжи активностите за реновирање таму каде што се нужни“, додаваат од Синдикатот.
Од НАкС потенцираат дека и покрај времињата на тешка економска и енергетска криза, потребни се добро дизајнирани мерки и политики за справување со кризата, кои ќе го зачуваат, а не да го намалат стандардот на студентите.