Предложениот етички кодекс на УКИМ ќе биде алатка за репресија на слободната мисла, реагираат од Независниот академски синдикат (НАкС), откако до дел од вработените бил доставен нацрт-текст од новиот документ чија изработка ја започна ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од НАкС реагираат дека се исклучени од процесот синдикалните организации, иако, како што велат, приложениот Нацрт-Етички кодекс експлицитно уредува права и обврски кон нив.
Реакцијата ја споделуваме интегрално:
„Независниот академски синдикат (НАкС) во текот на вчерашниот ден достави мислење за Нацрт-Етичкиот кодекс до органите на УКИМ. Во продолжение сакаме да ја информираме јавноста, вработените и членовите на академската заедница на УКИМ за клучните проблеми со текстот и процесот на изработка на Кодексот.
- Во моментов е нејасно од која причина Ректорската управа започнала со изработка на нов кодекс. Отсуствува претходна анализа, став на Ректорската управа или одлука на Сенатот, кои аргументирано ќе ја образложат потребата од нов Етички кодекс. Воедно, на голем дел од наставниците и вработените во единиците на УКИМ не им е доставен нацрт-текстот, ниту пак се известени за започнатиот процес.
- Предложениот текст главно забранува, а не регулира односи врз база на етички вредности. Тој е репресивен во неговата суштина и оневозможува квалитетна расправа и критика, којашто е особено важна во високообразовна институција. Според текстот, основа за покренување на постапка против прекршител на Кодексот се дела кои се подложни на арбитрарна проценка и толкување, како што се повреда на угледот на Универзитетот, неговиот интегритет, итн. Нацртот оди до таму што имплицира дека синдикалното здружување и другите форми на здружување на членовите на академската заедница се неетички, во случај кога раководните органи на Универзитетот ќе се произнесат дека нивните активности го повредуваат достоинството на Универзитетот и единиците. Овие одредби претставуваат јасен обид да се спречи јавното делување на членовите на академската заедница, надвор од официјалната догма на органите на УКИМ. Со ова сериозно се загрозува правото на слобода на говор, мисла и уверување и се ограничува правото на слободно здружување на членовите на академската заедница. Притоа, наместо автономен универзитет кој обезбедува простор за дебата и критика во сопствената средина, УКИМ ќе се претвори во авторитарна институција, која го потиснува различното мислење.
- Со Кодексот се прави обид да се санкционира секое јавно истапување на членовите на академската заедница и на вработените коешто е различно или спротивно на официјалните ставови и одлуки на органите на Универзитетот, со што се прави груб упад во личните права и слободи.
- Според нацртот, комисии ќе постапуваат по претставки за прекршување на Етичкиот кодекс, но во самиот текст не е предвидена постапка за докажување на евентуалните прекршувања ниту, пак, е предвидено правото на одбрана и жалба. Постапката треба да биде дефинирана од самите членови на комисиите, кои исто така се бираат без конкретни критериуми и постапка, со што се отвора дополнителен простор за злоупотреба. Во една од комисиите се предвидува членство на генералниот секретар на Универзитетот, кој е помошен орган на ректорот, со што се става во улога тој да биде и тужител и судија. Потенцираме дека Универзитетската етичка комисија не смее да има допирни точки со Ректорската управа.
- Пријава за утврдување повреда на некој од начелата на Нацрт-Етичкиот кодекс на Универзитетот може да поднесат само раководните лица, но не и работниците. Во Нацрт-Етичкиот кодекс не постојат одредби за тоа кој има право и како да пријави кога член на раководен орган: Ректор, Декан, директор или друг од позиција на моќ, ќе постапи неетички, дискриминаторски или ќе изврши некакво вознемирување. Дополнително, мерките писмена и јавна опомена се изрекуваат само за повреда на Етичкиот кодекс од страна на наставниците и соработниците, а нејасно е дали под „наставници“ се подразбираат и носителите на функции и раководниот кадар, од што може да се разбере дека тие се изземени. Неприфатливо е во етички кодекс да се ограничува правото на секој поединец да може да пријави неетичко постапување, а особено е проблематично кога тоа право им се доделува само на раководните лица и органи.
Сметаме дека понудениот текст за Етички кодекс на Универзитетот е омаловажувачки за академската заедница и спротивен на Уставот, ратификуваните меѓународни договори и релевантните закони. Кодексот нема одредби кои обезбедуваат основна заштита на слободата на научната мисла и слободата на говорот – основите на едно демократско општество и слободен универзитет.
Наместо тоа, овој Нацрт-Етички кодекс нуди рамка низ која органите на управување ќе можат да го угушат секој став кој е различен од нивниот, обезбедувајќи едноумие низ привидна саморегулација, наместо академска слобода. Потенцираме дека заштитата на достоинството, интегритетот и академската слобода на членовите на академската заедница е услов без кој не се може во автономен и слободен универзитет.
Затоа, НАкС бара од Ректорската управа и Сенатот на УКИМ овој Нацрт-Етички кодекс да биде целосно отфрлен и да се отпочне постапка во која ќе бидат вклучени Сенатот и единиците на УКИМ уште од самиот почеток на постапката. Во спротивно, ние ќе ги искористиме сите механизми за одбрана на достоинството на академската заедница.“