Веројатно поучен од народната поговорка „во матно најдобро се лови“, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски ја продолжува постапката за избор на нов ректор во услови на вонредна состојба, реагира Независниот академски синдикат (НАкС).
Од Синдикатот потсетуваат дека веќе се пишуваше за постапката која отпочна во средината на март, кога на онлајн седница на Ректорската управа се донесе одлука за закажување избори на нов ректор.
„Изнесувајќи ги бројните аргументи за незаконитоста на постапката и неподобноста таа да се изврши во услови на вонредна состојба, апелиравме изборите за ректор на УКИМ да се одржат во мирни времиња. Сепак, изгледа дека на ректорот Јанкуловски поважна му е функцијата, отколку законитоста на постапката и демократските принципи“, велат од НАкС.
Имено, велат тие, како што веќе известија тројца проректори, на 26 мај е закажана седница на Сенатот на УКИМ, на која на дневен ред е ставена точката Предлог одлука за начинот на спроведување на тајното гласање. Потоа, за наредниот ден, 27 мај, Сенатот треба да гласа за Формирање Универзитетска изборна комисија, потенцираат од НАкС, без да се знае на кој начин ќе се одвива седницата ниту како ќе се спроведе постапката.
„А веќе следниот ден, 28 мај, на седница на Ректорската управа треба да се донесе Одлука за објавување јавен оглас за избор на ректор на УКИМ, во која е предвидено рокот за пријавување на кандидатите да биде само пет работни дена“, забележува НАкС.
Според Синдикатот, овие постапки се извршуваат во време кога претседавач на Сенатот на УКИМ е самиот ректор Јанкуловски, спротивно на членот 96 од Законот за високото образование, според кој треба да се избере претседавач од редот на универзитетските сенатори.
„Изборот на претседател на Сенатот претставува клучен услов за спроведување на фер и транспарентна постапка за избор на ректор. Во спротивно, постои висок ризик за злоупотреба на службената должност во постапката за избор на ректор, во ситуација кога проф. д-р Јанкуловски е истовремено ректор, претседавач на Сенатот и кандидат за ректор“, се вели во реакцијата на НАкС.
За Синдикатот е нејасно е брзањето за спроведување избори во кратки рокови, кога, велат тие, Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба предвидува дека на универзитетските тела и органи кои за времетраењето на вонредната состојба не извршиле избор на нов состав, „мандатот им се продолжува за време на траење на вонредната состојба“.
„Во време кога поради вонредната состојба кандидатите не можат да ги претстават своите програми, односно гласачите не можат да бидат информирани, а академската заедница е преокупирана со организација на наставата и испитите, нема ни потреба ни услови за споведување избори за ректор“, реагира Синдикатот.
НАкС бара од ректорот Јанкуловски, сенаторите на УКИМ, како и проректорите и деканите како членови на Ректорската управа итно да ја сопрат постапката за избор на ректор во вонредна состојба.
„Постапката за избор на ректор мора да се одржи во редовни околности, при што покрај легалноста, треба да бидат обезбедени услови за транспарентност и фер претставување на кандидатите на првите непосредни избори за ректор на УКИМ. Застранувањето од демократските принципи во постапката за избор на ректор може да говори само за намерите и угледот кои ги има проф. д-р Јанкуловски. Но, застранувањето од правните норми кои обезбедуваат фер и транспарентен избор на ректор може да имаат последици по легалноста и легитимноста на самиот процес, како и на избраниот ректор“, стои во реакцијата на НАкС.