Независниот академски синдикат – НАкС се приклучува кон барањата на синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати и на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура за усогласување на платите врз основа на зголемувањето на минималната плата, како и кон повикот за почитување на Законот за минимална плата и соодветно анексирање на колективните договори. Тие најавија дека ќе излезат на предупредувачкиот протест кој е закажан за утре, 30 март.
„Загрижувачки е тоа што заради немање слух на надлежните министерства, коишто треба да бидат социјални партнери на сите нивоа и да делуваат во согласност со законите и колективните договори, синдикатите мора да бараат заштита на правата и интересите на вработените преку јавно искажување на незадоволство, односно преку предупредувачки протест“, сметаат од НАкС.
Оттаму велат дека покачувањето на минималната плата е добредојдена социјална мерка за подобрување на незавидната материјална положба на вработените со најниски примања, но посочуваат дека примената на оваа мерка треба да биде неминовно проследена со усогласување на постојните колективните договори.
„Неусогласувањето на колективните договори или неговото одложување недвојбено ќе доведе до сериозни недоследности и дисонанции во наградувањето на вработените во високото образование. Имено, трудот на вработените што имаат различно ниво на образование и извршуваат работа со различна сложеност не може и не смее да се воедначува или девалвира“, реагираат од Независниот академски синдикат.
Тие го повикуваат Министерството за образование и наука да не ги игнорира нивните барањата за дијалог со вработените во високото образование, туку веднаш да ги повика на преговори за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука со усвоените измени и дополнувањата на Законот за минимална плата од февруари 2022.
Претходно, слични барања преку заеднички протест изразија и Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) и Независниот синдикат на полицијата (НСП).