Независниот академски синдикат (НАкС) информира дека пред неколку денови направиле средба со претставници на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН), на која се разговарало за потпишување на нов гранков колективен договор за високо образование и наука. Една од клучните точки во разговорите, велат тие, се однесуваше на зголемување на платите за вработените во високото образование и науката.
„Да потсетиме дека минатата година НАкС ја поздрави одлуката за покачување на минималната плата, но предупреди дека оваа одлука без усогласување со постојните колективни договори води кон воедначување на трудот на вработените кои извршуваат позиции со различен степен на сложеност и образование“, забележуваат НАкС.
НАкС предупредува дека проблемот станува уште поизразен со новото зголемување на минималната плата во март 2023 година, како и со високата инфлација и зголемувањето на цените на основните производи за живот.
„НАкС го поздравува потпишувањето на Колективниот договор на Унивезитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје од 29 декември 2022, но уште еднаш укажуваме дека се потребни системски решенија за вработените во сите јавни високообразовни и научни установи и затоа ќе поддржиме потпишување на нов гранков Колективен договор за високо образование и наука кој ќе го овозможи тоа, врз база на ветувањата дадени на состанокот од страна на претставниците на МОН. НАкС е подготвен во соработка со СОНК и МОН да даде конструктивен придонес во преговорите за надградување на веќе стекнатите права, обезбедување подобра социоекономска состојба во овие кризни времиња и услови за поголема работна успешност на вработените во високото образование и науката преку Колективен договор за високо образование и наука, кој предвидува примена на коефициенти за соодветно вреднување на трудот по обем и сложеност поврзани со минималната плата“, соопштува НАкС.