Независниот академски синдикат НАкС ги повика сенаторите на УКИМ да не го гласаат Етичкиот кодекс, кој се наоѓа на утрешната седница на Сенатот. Сметаат дека изгласувањето на Етичкиот кодекс во оваа форма се заканува да ја загрози академската слобода на Универзитетот.
„Предложениот текст главно забранува, а не регулира односи врз база на етички вредности. Тој е репресивен во неговата суштина и оневозможува квалитетна расправа и критика, која е особено важна во високообразовна институција. На пример, според текстот, основа за покренување на постапка против прекршител на Кодексот се дела кои се подложни на арбитрарна проценка, како што се повреда на угледот на Универзитетот, неговиот интегритет, итн. Кодексот оди до таму да го санкционира синдикалното или делувањетопреку друг начин на здружување на членовите на академската заедница, во случај кога раководните органи на Универзитетот ќе се произнесат дека нивните активности го повредуваат достоинството на Универзитетот и едниците. Овие одредби претставуваат јасен обид да се спречи јавното
делување на членовите на академската заедница, надвор од официјалната догма на органите на УКИМ. Со ова, сериозно се загрозува правото на слобода на говор, мисла и уверување и се ограничува правото на слободно здружување на членовите на академската заедница. Притоа, наместо автономен Универзитет, кој обезбедува простор за дебата и критика во сопствената средина, УКИМ ќе се претвори во авторитарна институција, која го потиснува различното мислење“, велат од НАкС.
Исто така посочуваат дека Кодексот се обидува да го регулира и присуството на вработените на социјалните мрежи, со што се прави груб упад во личните права и слободи.
„Според нацртот, комисии ќе постапуваат по претставки за прекршување на Етичкиот кодекс, без да биде предвидена постапка за докажување на евентуалните прекршувања, но и без да се предвиди правото на одбрана и жалба. Оттука, постапката треба да биде дефинирана од членовите на комисиите, кои исто така се бираат без конкретни критериуми и постапка, со што се отвора дополнителен простор за злоупотреба. Во една од комисиите се предвидува членство на генералниот секретар на Универзитетот, кој е помошен орган на ректорот, со што се става во улога да биде и тужител и судија. Потенцираме дека Универзитетската етичка комисија не смее да има допирни точки со Ректорската управа“, реагираат од синдикатот.
Оттука, додаваат дека Кодексот нема одредби кои обезбедуваат основна заштита на слободата на научната мисла и слободата на говорот – основите на едно демократско општество и слободен универзитет. Затоа и ги повикуваат сенаторите да се спротивстават на предложениот текст и да отпочнат постапка за изготвување нов кодекс со вклучување на сите засегнати од УКИМ.
НакС: Предложениот етички кодекс на УКИМ ќе биде алатка за репресија на слободната мисла