Откако минатиот месец ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ излезе со предлог за евентуално зголемување на студентската партиципација на грбот на Министерството за образование и наука (МОН), денес од Независниот академски синдикат (НАкС) реагираат дека наместо тоа, УКИМ треба да бара транспарентност на буџетот на МОН.
„Свесни дека постои проблем со финансирањето на јавните универзитети во државата, сметаме дека универзитетите треба да предлагаат решенија кои се во насока на подобрување на транспарентноста на финансирањето и реализацијата на буџетот од Министерството за образование и наука, а не во зголемување на издатоците на грбот на студентите“, стои во реакцијата од Синдикатот.
Оттаму потсетуваат дека од основањето на Синдикатот во 2016 се залагаат да се воведе транспарентен систем на финансирање во високото образование. Транспарентен систем на финансирање, велат од НАкС подразбира јасна методологија за креирање на буџетот на МОН со воспоставени критериуми за распределба и реализација на средствата кон различните високообразовни и научни институции, и критериуми по кои се формираат платите на кадарот во секторот високо образование и наука.
„Во вака поставениот систем, партиципацијата на студентите нема никаква улога. Студентската партиципација воведена пред 20-тина години, до нејзиното целосно укинување за достигнување на идеалот на бесплатно образование за кој НАкС се залага, треба да се користи исклучиво за подигнување на студентскиот стандард, вклучувајќи ги опремата и материјалите кои им се потребни за да бидат подобри студенти, а никако за покривање на другите трошоци на универзитетите. Одговорноста за финансирањето на високообразовните и научните установи припаѓа исклучиво на државата и ресорните министерства, а понатака на раководствата на универзитетите и факултетите“, велат од НАкС.
Од Синдикатот потсетуваат дека од потребниот транспарентен систем за финансирање во високото образование и науката, од 2018 година до денеска, реализирана е само последната алка – транспарентно формирање на платите на кадарот во секторот високо образование и наука од буџетот на МОН. Додаваат дека тоа е резултат на здружен напор на СОНК и НАкС, со гранковиот колективен договор од 2021 година.
„Во меѓувреме не се направени никакви напори од државата и од надлежните тела да се постават другите столбови на финансиската
транспарентност. Потенцираме дека зголемувањето на студентската партиципација само привремено ќе ги одложи реформите кои мора да се случат за одржливо финансирање на јавното високо образование и наука. Само транспарентен систем за финансирање во високото образование и науката може да обезбеди правичност, извесност и одговорност во финансирањето, кое би резултирало со поквалитетно образование и наука и повисок студентски стандард во Македонија“, апелираат од НАкС.
Инаку, претходниот месец Министерството за образование и наука демантираше дека ќе се зголеми студентската партиципација и упати апел студентите да бидат спокојни.
„Во комуникација со Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, добивме информација дека ректоратот побарал мислење од факултетите и единиците во состав, за тоа дали износите кои во моментов се плаќаат се оправдани или можеби треба да претрпат одредени корекции. Но, тоа е интерно инициран процес. Министерството за образование и наука го почитува принципот на инклузивност при креирањето на политиките и носењето на одлуките, така што ги уверуваме студентите дека ниту една одлука која го засега нивниот образовен процес нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани. Износите на партиципација остануваат идентични како и досега“, кажаа од МОН.
Со реакција за ова излезе и Универзитетското студентско собрание при УКИМ од каде кажаа дека се разговарало за дополнително финансирање на Универзитетот, но дека тоа никако не смее да падне врз грбот на студентите.
„Ставот на УСС и на членовите на ректорската управа беше дека финансискиот товар за ова решение не смее никако да падне врз грбот на студентите, туку финансиските барања да бидат упатени кон владата“, рекоа од УСС УКИМ.
МОН: Износите за партиципација остануваат идентични како и до сега