Законот за високо образование беше донесен во 2018 година. Во оваа форма што е денес дојде откако во 2015 година предизвика контроверзии, но и протести и формирање Студентски и Професорски пленум. Дел од тој Професорски пленум сега е дел од Независниот академски синдикат (НАкС), кој вели дека за евентуални измени или ново законското решение слушнале од медиумите и не биле консултирани во процесот. Затоа денеска одржаа јавен стручен настан за да собираат мислења и критики за тоа што е добро, а што недостасува во регулативата, за потоа тој пакет предлози да оди до Министерството за образование и другите надлежни институции.
Генерално, НАкС смета дека законот има основа, но сепак евидентни се проблемите со неговата имплементација. Односно, со системите што ќе обезбедуваат квалитет, но и со концептот за финансирање на високото образование, особено за јавните високообразовни установи платени од буџетот на државата.
„Забележливо во овие четири години е дека премногу се доцнеше со формирање на телата, кои се многу важни за имлементација на законот – Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, Одборот за евалуација, Одборот за акдредитација. Еден куп позаконски акти се’ уште не се ажурирани, дури сега во 2022 се ажурираат, а изминатиов период се спроведувале акти од стариот закон, верзијата од 2010 година. Тоа е недозволиво, ако сакаме да се менуваат работите на подобро“, вели Елена Џукеска, претседателка на НАкС и професорка на Филозофскиот факултет на УКИМ.
Џукеска ваквото задоцнето функционирање го карактеризира како „катастрофално“. Според неа, прашање е дали сите овие тела функционираат со свој полн капацитет, а практично од нив зависи како ќе се одвиваат работите во високото образование.
„Особено е катастрофално што Националниот совет се’ уште нема донесено акт за финансирање, препораки, или упатство како да се формираат критериуми за избор во звања итн. Еве, дури сега се работи на ажурирање на фраскатиева класификација и тоа со недоволна вклученост на академската заедница. А, последен пат е ажурирана во 2015 година и содржи куп грешки и недостатоци. Се’ оди премногу бавно, а светот оди премногу брзо“, рече Џукеска пред новинарите, надевајќи се дека телата ќе бидат присутни во дискусијата за законот.
Осврнувајќи се на студентите, посочи дека тие се главните и крајните корисници на услугите во високото образование. Оттука, секоја несоодветна имплементација на законот ги засега нив, но во крајна линија го засега и целото општетво од аспект на квалитет и напредок во науката. Затоа итно побара да се смени примената и финансирањето.
„Ниту еден закон не може да дојде до израз, ако државата не издвојува средства барем во јавната сфера, во јавните универзитети. За каква гарантирана академска слобода зборувате, со законот и со Уставот, ако немате реални финансии за научни истражувања? Ако изведувањето на наставата зависи од материјалните услови што ги имате на терен, кои се лоши? Ако ви тече кровот, како ќе држите настава? Ако имате училница без соодветна опрема, кој современ метод за настава ќе го примените? Потребна е политичка и добра волја во процесoт“, посочи Џукеска од НАкС.
Во однос на платите на професорите и целата академска заедница, професорката Неда Здравева од НАкС вели дека досега биле слушани при гранковиот колективен договор, но не биле дослушани докраj. Едноставно, одговорот за нивните барања за висината на платите било дека буџетот „не може да ги поддржи“.
„Да, високото образование во нашата држава сериозно заостанува во делот на надоместоците за плати за кадарот што е академски, но и за неакадемскиот кадар. Не правиме муабет за државите од ЕУ, туку сериозно заостанува во непосредното опкружување како Србија, Косово, Црна Гора, Босна, каде просечните плати се двојно поголеми“, забележа професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Според Здравева, перцепцијата во јавноста е дека во оваа економска криза можеби e премногу да се бара платите да бидат зголемени.
„Јас само ќе потсетам на два аспекти – првото зголемување случи откако можеби 15 години платите беа на исто ниво. Пораснаа со колективен договор, прво за 5%, а сеа два пати по 10%. И, стигнавме до рамка каде професор со стаж од околу 20 години, неговиот труд од државата да биде награден со не повеќе од 50-ина илјави денари. Истовремено, многу оправдано, општеството од професорот очекува да создава кадар кој на свои плеќи ќе ја носи економијата, здравството, образованието, правдата, правосудството. Значи, ќе го носи она што е општествен систем во државата“, посочи Здравева.
Од аспект пак на младинските проблеми што ги тангира Законот за високо образование, таа рече дека НАкС веќе ги нотирале при истражување за квалитетот на високото образование, каде се разгледувале студентските перспективи.
„Тогаш беа нотирани прашањата за студентското организирање, кое е значително унапредено во споредба на претходните законски решенија. Сепак, постојат практични проблеми во неговата имплементација и во севкупното влијание на студентите во донесување одлуки на ниво на високообразовни установи. Особено студентите го истакнаа третманот и значењето на евалуацијата која тие ја подготвуваат и важноста тие активно да учествуваат во евалуација“, истакна Здравева, повикувајќи ги и студентите да се вклучат и сега, при евентуалната измена или носење нов закон.
На прашањето на Радио МОФ што мислат за законското решение за мандат од една година на студентските лидери, а притоа тие волонтерски да се занимаваат со оваа работа, Здравева посочи дека тоа било решение на самите студенти. Односно, самото студентско организирање дошло по предлог и од Студентскиот пленум.
„Ако добро се сеќавам, решението од една година беше врзано прво заради тоа што мандатот, времетраењето на студентскиот стаж е ограничено. Второ, токму затоа што овој ангажман е волонтерски и практично, од она што го знам од колегите што досега беа студентски лидери на УКИМ, Борјан Ефтимов и Ева Цветковска, дека во тој период нивниот високообразовен процес сериозно паузираше и трпеше бидејќи беа вложени во оваа насока. Веројатно искуствата на студентите после 2-3 изборни циклуси, од кој едниот во ковид помина незабележано, моето очекување е дека ќе бидат земени предвид. А, законската рамка ќе понуди студентско организирање што ќе овозможи целосно, соодветно, точно, ефикасно претставување и застапување на интересите на студентите“, констатираше Здравева од НАкС.
Бојан Шашевски