Нивото на неприходувана вода кај давателите на водни услуги за 2022 година во однос на 2021 година е зголемено за 1,96 отсто.
Македонските општини минатата година не воделе грижа за намалувањето на загубите на вода за пиење во водоводните системи, со кои управуваат нивните јавни комунални претпријатија. По период од четири години во кој континуирано се намалуваше процентот на неприходувана вода, лани за првпат е забележан негативен тренд на пораст на загубите на вода за пиење, пренесува Мета.мк.
Дури 62,45 отсто од производената и зафатена вода од водоводните системи во 2022 година била неприходувана вода, покажуваат најновите податоци од Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) за 2022 година.
Процентот на неприходувана вода за пиење во водоводните системи во Македонија расте.
„Нивото на неприходувана вода кај давателите на водни услуги за 2022 година врз основа на последните достапни податоци, во однос на 2021 година, е зголемено за 1,96 отсто и ја прикажува реалната состојба на неприходувана вода во државата врз основа на досегашните добиени извештаи од претпријатијата“, се наведува во Годишниот извештај на РКЕВУ.
Во споредба со 2021 година, количеството на произведена вода што влегла во водоснабдителните системи лани е намалена за 8,58 отсто, но исто така и процентот на фактурирана вода лани бележи забележително намалување од 13,11 отсто.
Официјалните податоци на РКЕВУ покажуваат драстични разлики во процентот на загуби на вода за пиење меѓу општините и регионите во земјава. На ниво на локални самоуправи, процентот на неприходувана вода во 2022 година се движел помеѓу 11 отсто и фрапантни 92 отсто кај водоводните системи со кои управуваат јавните комунални претпријатија.
Како и по општини, драстични разлики има и кај регионите. Па така, најмал процент на неприходувана вода од 21,3 отсто во 2022 година имало во Североисточниот регион. Ваквите загуби се поклопуваат со насоките на Меѓународната асоцијација на води, која нагласува дека прифатлив процент на загуби на вода за пиење во водоводните системи треба да е под 30 проценти.
Сепак, ниту еден друг регион не ги следи зададените насоки на Меѓународната асоцијација на води, па така загубите на вода за пиење во Југоисточниот регион изнесувале 49,4 отсто. Процентот на неприходувана вода за пиење во Вардарскиот регион бил 58,8 отсто, во Скопскиот регион 59,9 отсто, а во Пелагонискиот регион 60,4 отсто.
Воедно, во општини, каде што со години е висок процентот на неприходувана вода, како што се Дебар, Крушево или Тетово, редовно се случува низ годината да има проблеми со водоснабдувањето или рестрикции на вода за пиење за граѓаните, што пак директно влијае на квалитетот на живот на граѓаните.
Извор: Мета.мк