Јавните простори ги снемува, а зеленилото се намалува. Вака во неколку зборови може да се објасни ситуацијата на терен во Скопје, каде се очекува новиот Генерален урбанистички план (2022-2032) да даде нова шанса во обмислувањето и контрола во растот на главниот град. Сепак, додека ГУП-от чека на партиципативно тело и студии од Град Скопје, активисти и експерти укажуваат кои грешки не смеат да се повторат, што да се подобри, со цел да се надмине сликата дека во Скопје никнуваат повеќе згради отколку дрвја, а автоцентричните политики го „јадат“ секој слободен метар.
Во Генералниот урбанистички план треба да бидат вградени стандарди и идни проекции за одржување на зелените површини во Скопје. Тоа е веќе јасно и за пошироката јавност. Сепак, ГУП-от формално доцни, а се’ уште се чека Стратегијата за развој на зеленилото, која како документ е нарачана и договорена од Град Скопје во октомври 2022 година, со рок од 12 месеци.
Подготовката на овој документ треба да биде комплементарен со ГУП-от. Притоа да биде во согласност и со Законот за урбано зеленило, па групата што работи на новите измени на овој Закон, формирана овој септември, очекува тие да се интегрираат и надоградат во Стратегијата. Со тоа, да станат дел и од идното планирање на Скопје.
„Во работното тело се вклучени експерти, претставници на институции, еко-активисти. Работиме на измените, но и нивно лобирање, па веќе добивме поддршка од парламентарци – позиција и опозиција. Важно е да зголемува зеленилото, тоа е подобар филтер од сите други филтри, особено во загаден зград како Скопје. Важно е да се насочуваме и кон зелена инфраструктура како главна одбрана од климатските промени“, вели Лилјана Поповска од Зелен институт, кој го води проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“ со соработниците.
„Воведуваме трипати повисоки казни за неодржување и уништување зеленило, бидејќи беа мали и неефективни. Сега бараме повеќе казни и за институциите. Исто така, да се зголемат средствата што се издвојуваат на ниво на град или општина за зеленило. Понатаму, процентот на зеленило на градежна парцела да се однесува на површината, за да се спречат манипулации и ‘креативни’ решенија, кога се измислуваше процент зеленило по жардиниери, по покриви, тераси… само за да се добие дозвола за градење“, посочува Поповска.
За активистката и советничка на Зелен хуман град (ЗХГ), Драгана Велковска, неопходно е со Законот за урбано зеленило да се гарантира заштита и да се спречи сечење здраво зеленило по секоја цена, особено повеќедецениски дрвја.
„Во просек, околу 40% од површината на европските градови се состои од урбана зелена инфраструктура, со тоа што 44% од населението во урбани подрачја во Европа живее на 300 метри оддалеченост од парк. Некои градови, како што се Виена и Фрајбург, имаат дури и шумски површини во нивните градски центри. Според Европската агенција за животна средина (податоци од 2018 година), 74% од територијата на Загреб и 67% од територијата на Љубљана се покриени со зеленило. Скопје има поразителни 24% вкупно зеленило на својата територија, од кои само очајни 6% се јавни зелени простори, а 15% се дрвја. Ако целиме да го зголемиме овој процент, најнапред мора да го спречиме целосното уништување зеленило на приватните градежни парцели во урбаните подрачја“, вели советничката од ЗХГ.
ГУП-от преку зелени простори треба да му дозволи на Скопје да „дише“
Стефанка Хаџи Пецова e професорка во пензија од Земјоделскиот факултет, над 40 години посветена на пејзажната архитектура. За Радио МОФ потенцира, важно е политиките на градот да бидат ускладени со Генералниот план, односно одредени локации на државно земјиште да бидат преименувани за зелени површини, а не за градба.
Друго, ГУП-от може да обезбеди една многу голема зелена површина, почнувајќи од – Зајчев рид, просторот околу Аквадуктот со касарната преку Калето, спуштајќи се долу на универзитетскиот кампус, Ботаничката градина и дендропаркот околу Земјоделско-шумарски факултет – да биде јасно дефинирана како јавен зелен простор.
„Трето, може ГУП-от да утврди појасен однос, виз-а-ви кај речното зеленило, особено на Вардар, бидејќи тоа уште своевремено беше планирана како јавна зелена површина, па бидејќи општините почнаа да управуваат со делови од тоа земјиште, почна таа идеја да се менува, односно таа одлука да се менува. И мислам дека ГУП-от може да ја дефинира зелената мрежа на Скопје, зелената инфраструктура, тоа е сега актуелно. Таа во урбаниот простор мора да се поврзе со заштитени подрачја, на јадрови зони, на коридори итн…“, нагласува Хаџи Пецова.
Како граѓани очекуваме, вели таа, со ГУП-от да бидат дефинирани локалните паркови, или паркчиња во близина на згради и заедници на домување, тие да бидат на растојание од 10 до 15 минути или далечина од 400 метри.
„Многу е важен и зелениот катастар, бидејќи обезбедува најважни информации каде е зеленилото, од каков квалитет е, од каков карактер, каде се наоѓа, сето лоцирано на мапи“, потенцира пејсажната архитектка.
Не е ажуриран Зелениот катастар за да го следи планирањето во Скопје
Зелениот катастар што го зборува Хаџи Пецова, правен во 2019 година со соработка со УНДП, беше претставуван како големо достигнување од градските власти. Сега, 4-5 години подоцна, Зелениот катастар практично нема некоја функција. Новото раководство не наоѓа време и ресурси да го надополни, иако тој е законска обврска со Законот за урбано зеленило од 2018-та, додека со новите измени се предложуваат повисоки казни меѓу 3.000 и 30.000 евра ако институциите не го ажурираат.
За Драгана Велковска од ЗХГ зеленилото речиси воопшто не се сфаќа сериозно во урбанистичкото планирање, па така нема паралелно соодветен катастар на зеленило, како што постои катастар на објекти.
„Со обидот да се поправи оваа грешка со Законот за урбано зеленило е евидентно дека хартијата трпи сѐ бидејќи Зелениот катастар на Скопје сѐ уште не е ниту завршен, ниту па оние малку делови што се веќе обработени некој ги одржува“, потенцира таа.
ЗХГ имаше и амандман да се обезбедат повеќе средства и со Шумарски факултет да се мапираат сите површини, но безуспешно помина во Советот. Меѓувремено, Градот и општините си префрлаат одговорност за тоа кој е крив што не е комплетен катастарот.
Еколозите реагираат, досега во него се забележани преку 105.000 дрвја и преку 65.000 грмушки, но Зелениот катастар е полн со погрешни и некомплетни информации.
„Имаме означување на грмушки како дрва и обратно. Имаме снимање на одредени точки два пати. Изместување на координатите на некои точки, особено за поголеми дрва. Означување на дрвени столбови за електрична телефонска мрежа како дрва. Означување на треви и други растенија како грмушки“, забележа Кирил Ристовски од „Флорозон“ на една неодамнешен настан, потенцирајќи дека овие грешки се настанати и поради отсуството на стручен кадар, додека делови во Скопје воопшто не се попишани, како пример Шуто Оризари.
Јавните простори во Скопје зависат и од сообраќајното планирање
Главниот град на Македонија е окупиран од возила и е во сообраќаен метеж. Скопје дише само навечер, за продолжени празнични викенди и во лето. Поради неорганизирано планирање на зградите, околу нив возила се паркират по тротоари и тревници, а по јавните простори низ градот се оставени коли на возачи што „се враќаат за 5 минути“. Додека велосипедистите во некои делови мораат да развиваат летечки способности за да поминат узурпирани патеки, еден мал дожд или прекоп на улица знае да го закочи Скопје со часови, па се случува масовно доцнење на работа и илјадници нервозни луѓе.
За ова, своја улога си носи и Генералниот план.
Една од причините зошто доцни изработката на новиот ГУП за 2022-2032 година, меѓу другите, е токму изработка на сообраќајна студија, која Град Скопје ја нарача и договори февруари 2023, иако ГУП-от формално истече лани. Ангажираната фирма 24 ИНГ ДООЕЛ од Битола вели дека крајниот рок за комплетно завршување на документот е дури март 2026 година. Оваа студија (заедно со уште две други) ја чека и Агенцијата за планирање на просторот, за да може да влезе во понатамошни фази за ГУП-от.
Ако зборуваме пак за актуелниот ГУП од 2012, според инженер архитектот Бошко Видоески не треба да се биде експерт за да се каже дека тој во најмала рака е несреќен. Со исклучок на одредени сообраќајни решенија кои беа изведени, вели тој, како пробивањето на бул. „Никола Карев“ или проширувањето/продолжувањето на булеварите „Србија“, „Босна и Херцеговина“, „АСНОМ“ и слично, а кои помогнаа за растоварување на сообраќајните тесни грла кон некои од сателитските населби, речиси и да не може да се издвои нешто по кое ГУП-от од 2012-та би бил запаметен како план кој навистина донел подобар живот на жителите и развој на градот во позитивна смисла.
Впечатокот на Видоески е дека Планот премногу се фокусираше на сообраќајни решенија, небаре планирањето е дисциплина која има за цел само да подобри услови во сообраќајот.
„Под сообраќај, речиси секогаш во Македонија се мисли само на автомобилскиот, за жал. Ценам дека недостасуваше сеопфатна визија за алтернативните видови на сообраќај, подобрување на условите за велосипедистите и пешаците, недостасуваше визија за подобрување на јавниот транспорт и/или издржана и аргументирана визија за вклучување на дополнителен вид на јавен превоз, без разлика дали тоа би била некоја трамвајска линија или одреден друг вид на јавен транспорт, неважно дали шински или коловозен“, вели Видеоски.
Автоцентричноста може да се мери и по бројот на возила. Убедливо најголем дел од возниот парк се наоѓа во Скопје. Во главниот град лани имало 203.741 возило, од кои 172.921 се регистрирани патнички автомобили, што е скок за дури 50.000 за една деценија. Скоро дупло рипнал и бројот на моторцикли, единствено се намалуваат автобусите.
Она што дополнително загрижува кај македонскиот главен град е дека оние општини кои имаат најголеми сообраќајни проблеми, всушност имаат и најголема стапка на моторизација на жителите. Па така, токму во скопската општина Центар, која е и најмала по површина во Скопје и има најголем проблем со недостиг на паркинг места, во 2022 година биле регистрирани најмногу возила, и тоа 33.556 возила или за околу 4.000 повеќе во споредба од пред една деценија.
Автоцентричноста според иницијативата Шанса за Центар е една од најболните точки на Скопје. Движењето низ градот или сообраќајот, велат од таму, е она од каде треба да се почне планирањето. Неопходно е сосема да се изменат приоритетите и господарот „автомобил“ да се замени со „почитуваниот жител на градот“.
„Сите европски и светски градови веќе забрзано работат на одржлива транспортна мобилност, што дури и градови како Њујорк, Париз, Барселона, Мелбурн и сл., успеваат да се ‘спасат’ од автомобилите и да го вратат градот на луѓето. За холандските и данските градови, не мора ни да се зборува, таму човекот пешак и човекот со велосипед се господари на градските улици. Најинтересно е дека и дури италијанските градови, каде луѓето се раѓаат со љубов кон автомобилот, сè повеќе доминираат луѓето и цели градски простори се ‘чистат’ од автомобили“, наведуваат од Шанса за Центар.
* * *
Денес скоро 60% од светската популација живее во градовите и градовите добиваат незамисливи размери и концентрација на луѓе. Сличен е случајот и кај нас, па Скопје вдомува скоро 30% од населението во Македонија, односно 526.502 жители.
Оттука, активистите и експертите бараат и зајакнати стандарди за безбедност од: земјотреси, пожари, поплави, хаварии и сл. Мерките со кои би се превенирале, ублажиле и санирале штетите, треба да станат составен дел од планирањето на Скопје.
Ова оди рака под рака со почитување стандарди во урбанизмот, а зеленилото да биде вреднувано како колективно добро. Истовремено, да се обезбедуваат квалитетни отворени јавни простори: паркови, игралишта, шеталишта. Покрај очекувањата дека дигиталното време ќе ги оттуѓи луѓето, се покажа дека тие имаат повеќе потреба да бидат надвор и да се дружат.
Се’ на се’, Скопје треба се насочува кон максимата „Колку повеќе јавни простори – толку повеќе демократија“, како некаква водилка кон одржлив развој. Новиот ГУП може да даде шанса за ваквото планирање. Само ако Град Скопје и останатите вклучени бидат транспарентни, отчетни, доследни, но и реални во процесот, без популистички излетувања.
Бојан Шашевски, Мартин Колоски, Ангела Бошкоска
Техничка обработка: Даниел Евросимоски
*Со овој текст, Радио МОФ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.
**Првиот дел од серијата текстови поврзани со Генералниот план може да го прочитате ТУКА, вториот – ТУКА.