Укинување на пролетниот распуст и наместо тоа еднонеделна подготовка за Државниот матурски испит. Прашањата за задолжителните предмети учениците да ги добиваат еден месец порано, а наставниците порано да го одржуваат советот со цел матурантите порано да ги земат оценките.
Ова се дел од точките кои Сојузот на средношколци ги договори по вчерашната средба со ученици од средните училишта во Град Скопје. Заменик-претседателката Ива Трпески за Радио МОФ информира дека по оваа средба планираат за ова да се дискутира и со ученици од другите градови, а потоа предлозите да се упатат до Министерството за образование и наука. Целта на овие средби е како што вели таа, да има навремени резултати од матурските испити, со цел учениците да не бидат спречени да се запишат на факултет надвор од земјава каде уписните рокови започнуваат порано отколку кај нас.
„Матурантите сакаат формулите за физика и математика да бидат присутни за време на испитите. Исто така, да има недела наменета за подготовка за матура што засега не е баш возможно бидејќи завршувањето на четврта година и првиот екстерен испит се во разлика од само три дена. Затоа матурантите бараат измена во датумите, се залагаат да нема пролетен распуст или да има промени во датумите за пролетниот распуст. Но, повеќе се тежнее кон првата – да нема пролетен распуст“, вели Трпески.
Учениците кои треба да завршат средно образование во тековнава 2023/24 година сметаат дека се оштетена генерација што има изгубено голем дел од часовите поради дојавите на бомби.
„Бараат и скратена програма за екстерните предмети. Бараат да има олеснување на екстерните, а интерните нели самите ги бираат и докажано е низ годините дека на интерните има секогаш подобри резултати бидејќи самите ученици ги бираат предметите. Тука кај македонски, албански или било кој да е мајчин јазик немаат баш избор“, забележува претставничката на средношколците.
За матурантите спорна е досегашната пракса на банки прашања само за интерните предмети кои наставниците требаше да им ги дадат на учениците. Велат дека ќе побараат базен прашања за екстерните предмети да се достави кон крајот на април, односно месец пред вообичаените датуми за полагање на испитот.
„Изминатите години имаше банки на прашања што од прилика се должеше на трипати повеќе прашања отколку што има на испитот, но некои средни училишта ги добија, некои не, бидејќи беа доставувани до самите професори и некои професори ги доставуваа до учениците, некои не“, вели Трпески.
Во следниот период се надеваат, како што рече Трпески, на успешни регионални средби со учениците од другите градови, а потоа кон крајот на ноември и средба со претставници од Министерството за образование и наука.
Полагањето на Државна матура предизвикува низа проблеми кај средношколците и надлежните од 2020 година навака. Генерацијата која испитот требаше да го полага во 2020 година на барање на Сојузот беше ослободена од полагање заради загубата на часови што ја предизвика ковид пандемијата.
Следната година матурантите испитот го полагаа со два наместо три екстерни и два интерни предмети, а по тој модел се полагаше и во 2022 година.
Лани, односно за генерацијата 2022/23 година Сојузот и МОН постигнаа компромис, односно МОН прифати три од четирите главни барања на Сојузот. Согласно тоа на минатогодишните матуранти им се олесни полагањето со тоа што им се обезбедија банки со прашања за интерните испити, а овие испити носеа повеќе поени при уписот на факултет. Дополнително се намали бројот на прашања и бодови на првиот екстерен испит, а тој се сметаше за соодветен на сите студиски програми, што значи дополнителни 2 поени при уписот.
Ангела Бошкоска