Наместо очекуваната сеопфатна ревизија на медиумското законодавство, во првиот квартал од 2024 година повторно добивме парцијални интервенции, кои и самите се нецелосни и отвораат многу повеќе прашања отколку што затвораат, велат од Центарот за развој на медиуми кои денеска го објавија првиот квартален извештај за 2024 година.
Тие наведуваат дека членот 102, кој им забрануваше на државните и владините институции, како и на други јавни институции и тела – јавни претпријатија, претпријатија во државна сопственост, субјекти што вршат јавни овластувања, итн. – да купуваат рекламен простор на радиодифузните медиуми е избришан.
Но, дополнуваат дека наместо тој да биде заменет со сеопфатно уредување на прашањето на „владиното рекламирање“ и спроведувањето на кампањи од јавен интерес, тој, како што велат, воспоставува систем од индиректни субвенции за радиодифузните медиуми.
„Истовремено, освен за Владата на Република Северна Македонија и советите на општините и Советот на Град Скопје, сега немаме никакви правила или регулација за однесувањето на другите институции и тела што беа спомнати во член 102. Со оглед на минатите искуства, стравувањата се дека таквата ситуација може да биде злоупотребена за несакано влијание или притисок врз медиумите“, додаваат од Центарот.
Истовремено, раководните тела на регулаторното тело АВМУ и јавниот радиодифузен сервис МРТ и понатаму дејствуваат како „вршители на должност“, затоа што веќе пет години по носењето на измените на ЗААВМУ од 31 декември 2024 година, новите состави не можат да бидат избрани, посочуваат оттаму.
„Сепак, тие релативно успешно ја вршат својата улога, иако мора да се забележи дека остануваат проблемите со финансирањето од Буџетот, што доведе и до тужба од АВМУ против Министерството за информатичко општество и администрација“, додаваат од Центарот за развој на медиуми.
Целосниот извештај може да се погледне на следниов ЛИНК.