Веќе неколку месеци студентката Кристина Паскоска од Институтот за етнологија и антропологија при Природно математичкиот факултет во Скопје, се подготвуваше за одбрана на својата дипломска, како краен испит со кој се слави долгомесечното истражување и работа. Таа истражувала тема која никој претходно не ја истражувал – „Етнографија на развојот на современата танцова сцена во Скопје“, со фокус на на хип-хоп, латиноамерикански и ориентални танци.
Паскоска, која и самата е долгогодишен танчер аматер, имала замислено цели кореографии со танчери кои требало да изведуваат своја точка за да се долови, како што вели самата таа, апстрактната и субјективната идеја на танцот.
Но, пандемијата од коронавирусот ги отфрли сите планови за танцова дипломска на Паскоска, па таа ги пренасочи своите идеји и стана првата дипломирана студентка на Институтот за етнологија и антропологија која ја одбрани својата дипломска – онлајн.
„Јас требаше да бранам на 12 март и тука некаде ја прогласија вонредната ситуација со короната и бев малер невиден, но на 10 март го донесоа предлогот за онлајн дипломска и јас чекав да поминат три месеци, да се процесира целиот процес, да се изнајде некоја подобра електронска платформа на која ќе може да се полага“, вели Паскоска за Радио МОФ.
И за професорката од Институтот за етнологија и антропологија, Илина Јакимовска, која воедно е и ментор за овој труд, ова беше прво учество на онлајн бранење на дипломска. Таа истакнува дека според нејзиниот впечаток, овој Институт бил меѓу првите на УКИМ кој се адаптирал на новонастаната ситуација во пандемијата, преку одржување на виртуелни состаноци и онлајн настава.
„За волја на вистината, тоа беше така затоа што во нашиот случај станува збор за помал број студенти и вработени, кои така, во помали групи, беше и полесно да се организираат. Секако, помага и тоа што покажавме подготвеност за прилагодување, и покрај тоа што повеќето од нас, и професори и студенти, не беа многу упатени во дигиталните алатки кои стојат на располагање. Но експериментирањето со различни програми и платформи, заедно со тимската работа сепак вроди со плод“, нагласува Јакимовска.
Паскоска додава дека за одбрана во „нормални“ услови требало да се чека, а не се знаело до кога ќе трае пандемијата, па по предлогот на Министерството за образование дипломските трудови да се бранат преку интернет, професорите на институтот си пронашле свое решение.
„Од Институтот решија дека најдобра електронска платформа е „Мајкрософт тимс“, по што следеше процес на прилагодување, а од мене беше побарано да отворам корисничка сметка“, нагласува таа.
Професорката Јакимовска вели дека иницијативата за онлајн дипломирање била на Министерството за образование, а согласно со препораките, Природно-математичкиот факултет, под кој спаѓа и Институтот за етнологија и антропологија, изготвил детален правилник и упатство за водење на одбраните, не само на дипломските, туку и на магистерските и докторските.
„Последниве се всушност и многу позначајни, бидејќи се врзани со стриктни рокови, кои ако не се испочитуваат подразбираат дека целата процедура која трае со месеци би пропаднала и би требало да почне од нула. Тоа во некои случаи може да се одрази и на работните места на кандидатите. Затоа беше неопходна брза реакција, детектирање на најдобрите алатки, кои овозможуваат не само стабилност туку и транспарентност (снимање и архивирање на одбраните)“, истакнува Јакимовска.
Како помина првото онлајн дипломирање?
За време на дипломската, Паскоска вели дека било потребно да се направат два тима – првиот, тим на одбрана, а вториот бил наменет за комисијата.
„Интересно беше што во истиот момент се вклучивме, разговаравме, јас веќе ги познавам, познати ми се и блиски и навистина, помина подобро дури и од „во живо“. Малце имав страв од тоа да не снема интернет, бидејќи сега се преоптеретени мрежите – сите сме дома. Но сепак интересно, целиот процес имаше опција да се снима разговорот и видео мислам дека, иако јас за свој ќеиф снимав настрана со камера“, вели Паскоска за Радио МОФ.
Јакимовска пак, додава дека во склоп на дипломската на Паскоска, „Етнографија на развојот на современата танцова сцена во Скопје“ таа изработила и документарен филм, којшто комисијата го изгледала претходно, па така онлајн одбраната подразбирала само усна презентација и одговор на прашања.
За крај, професорката истакна дека се надева дека оваа ситуација нема да стане „новото нормално“ бидејќи дипломирањето е замислено како свечен чин, понекогаш во присуство на роднини и пријатели на кандидатите, како заокружување на еден процес кој траел најмалку четири години.
„За нас етнолозите оваа „обредна“ страна на церемонијата е многу важна (а верувам и на многумина други). Оттаму онлајн верзијата е само нужност во овие вонредни околности, не и нешто што вообичаено би го одбрале како опција. Моето „шубе“ како ментор повеќе се однесуваше на техничката страна, дали ќе биде се во ред со интернет врската и дали се ќе се заврши како што треба, секако во корист на кандидатот“, вели таа.
Паскоска пак, вели дека и претставува чест што е првата студентка што имала онлајн одбрана. Сепак посакува да биде и последната ваква одбрана на нејзиниот факултет, надевајќи се дека пандемијата што поскоро ќе заврши.
Ивана Смилевска