Наметнатата вакцинација – зачувување на јавното здравје или кршење на човекови права?

Коронавирусот во земјава практично „експлодираше“, а тоа го покажуваат и податоците дека на неделно ниво бројот на нови случаи е искачен за 325%. Ако на средината на јули беа забележани 223 активни случаи, заклучно со вчера бројот изнесува 3.746. Ова ги принуди властите да објават нов сет мерки за спречување на ширењето на Ковид-19, а јавноста најмногу внимание посвети на воведувањето потврда за најмалку една доза вакцина за влез на настани, во отворени и затворени објекти од понеделник.

Додека едни зборуваат и апелираат на почитување на мерките за Ковид-19, аргументирајќи дека во мерките нема ништо контроверзно, повикувајќи се на уставот каде се посочува дека слободата на движење може да се ограничи поради заштита на здравјето на луѓето. Други се противат на ваквата идеја велејќи дека е дискриминаторска.

Според Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) барањето на сертификат за примена вакцина не претставува дискриминација, сегрегација и повреда на правото на еднаквост, во однос на Уставот и Законот за спречување и заштита од дискриминација и меѓународните правни акти.

„Вакцинацијата е граѓанска обврска за масовна имунизација и претставува неопходна мерка заради заштита на здравјето на луѓето. Оваа граѓанска обврска е регулирана со членот 39 од Уставот на Р.С Македонија, кој освен гарантирањето на право на здравствена заштита, пропишува и обврска да го чува и унапредува своето здравје и здравјето на другите“, стои во објавата на КСЗД.

Истовремено, тие посочуваат дека Уставот предвидува уставно регулирани забрани за движење при неисполнување на пропишаните граѓански обврски, вклучително и обврската за унапредување на сопственото и здравјето на другите.

Потенцираат и дека ограничувањето на основните човекови права и слободи во случаи кога има оправдана цел, се предвидени и во сите релевантни меѓународни правни акти со кои се регулираат човековите права и слободи. Истовремено додаваат дека ваквите рестрикции имаат оправдана цел, се додека не се обезбеди поширок имунитет меѓу популацијата.

Од Комисијата апелираат до државата да обезбеди заштита на личните податоци, со што ќе обезбеди дека прегледите на потврдите за имунизација ќе се врши исклучови за медицински цели.

При приложување потврда за извршена имунизација за Ковид-19 се врши само визуелна проверка на потврдата, со што таквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци и не претставува злоупотреба на личните податоци, објаснуваат од Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП).

Во меѓувреме, од Независната угостителска комора побараа укинување на задолжителната редарска служба во угостителските објекти. Претседателот на НУК, Здравко Јосифовски посочи дека ваквите објекти се јавни објекти достапни на сите граѓани, и дека поголемиот дел од нив немаат услови да вршат, како што вели, деградација и селекција на вакцинирани и невакцинирани гости.

Истовремено тој наведува дека мерката е неприменлива и неспроведлива за угостителите без соодветна законска регулатива и продолжени и пренесени овластувања кои во моментов ги нема.

Иако мерките беа донесени речиси пред една недела, од Владата сè уште немаат соопштено детали за тоа како ќе се спроведува и организира редарската служба. Радио МОФ до објавување на овој текст остана без одговор за тоа зошто сè уште не се објавени деталите, што се предвидува со нив, и кога тие би можеле да бидат објавени.

Револт против мерките

Не помина ниту еден час откако беа објавени новите мерки, а Фејсбук се збогати со уште еден нов настан, насловен „Не сум овца да се изживуваш на мене“. Настанот претставува најава за протест пред Собранието против „присилната вакцинација“, само еден ден пред контроверзната мерка да стапи на сила. Набргу интерес за него покажаа речиси 3.000 луѓе.

Другиот ден на пладне, уште еден нов настан. „Стоп за одземање на слобода“, уште една најава за протест, на исто место, во исто време. Овој настан наиде на поголема „заинтересираност“ од над 6.300 луѓе, иако и двата се со иста цел.

„Владата ги дискриминира луѓето со тоа што на вакцинираните им се дозволува пристап во јавни и приватни објекти, додека на невакцинираните ќе им бидат скратени дел од основните човекови права, подложни на притисок да се вакцинираат“, стои во најавата за настанот.

Според организаторите, со новите мерки се скратуваат правото на слобода, слободно движење, приватност, слобода на мисла и мирно собирање.

„Дали ќе потклекнете пред владата и ќе ја жртвувате вашата слобода? Како се чуствувате што владата ви влегува во приватниот живот и немате свој избор? Ако сега се предадеме никогаш нема да сме слободни,луѓе што не сакаат да се вакцинираат се во ризик да ја изгубат својата работа“, наведуваат тие во настанот.

Преку социјалните мрежи се прошири и фотографија преку која се повикува на протест во Битола во истиот ден, но во 12 часот, додека информации за протест се проширија и за во Охрид.

Интересот за вакцинација според надлежните зголемен

Според Министерството за здравство (МЗ) деновиве е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните. Ваквото тврдење тие го темелат на тоа дека вчера се вакцинирале 15.574 граѓани, од кои само прва доза примиле 8.808 граѓани. Колку за споредба деновите на почетокот од август бројката на вакцинирани со една доза се движела помеѓу 3.300 до 4.990 луѓе, заклучно со 7 август.

„Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата“, велат од Министерството.

И пред вакциналните пунктови деновиве се создава гужва, поради што МЗ одлучи да отвори четири дополнителни пункта за вакцинација во Скопје. Граѓаните преку социјалните мрежи и медиумите известуваа дека пред одредени вакцинални пунктови вчера се направила гужва со цел да се вакцинираат.

Досега според МЗ, ревакцинирани се 571.392 граѓани, додека аплицирани се вкупно 1.033.584 дози вакцини.

М.К.