Намибија продава 170 слонови за да ги спречи се почестите судири меѓу нив и луѓето

Африканската земја Намибија која е погодена од суша објави дека продава 170 слонови, за да го намали нивниот број поради се почестите судири меѓу луѓето и овој загрозен вид на животни, пренесува „Данас“.

Во весникот „New Era“ кој е во сопственост на владата на Намибија, вчера е објавено дека на продажба се нудат 170 слонови „од голема вредност“ и се повикуваат домашните и меѓународните купувачи да се јават за понудата.

Во Намибија има околу 28.000 слонови, според министерот за животна средина Похамби Шифети. Одлуката за продажба е утврдена за да се намали популацијата на слонови поради сушата и зголемувањето на нивниот број, што доведува до судири меѓу животните и луѓето.

Кога земјата се стекна со независност во 1990 година, бројот на слонови опадна на околу 5.000, но тој значително се зголеми по воведувањето на програмата за заштита.