Нехуман и деградирачки третман и пренатрупаност во дел од затворските оддели, насилство и закани за насилство кон новинари, сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родово-базираното и семејното насилство и кривични дела со насилство и закани од насилство врз ЛГБТ+ популацијата. Ова се главните проблеми во Северна Македонија евидентирани во извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 година.
Во делот за слободата на изразување и медиумите, се констатира дека според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Владата покажала недостаток на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност. Во извештајот се евидентирани и случаи на закани и малтретирање на новинари.
„Заклучно со 15 август ЗНМ добиле осум жалби од новинари, меѓу кои и полициски распити на новинари за „информативни разговори“, спречување на новинарите во вршење на нивната должност, закани и навреди кон новинари за време на нивни работни задачи и несоодветно постапување од владини и локални функционери и членови на партија“, пишува во извештајот.
Стејт департментот ја цитира и анкетата на Платформата за истражувачко новинарство и анализи, во која 80 проценти од анкетираните новинарки често биле мета на онлајн малтретирање, меѓу кои и закани и онлајн булинг. Во најголем дел ова малтретирање било поврзано со стории објавени од новинарките.
Извештајот нотира дека изминатава година постоеле голем број наводи за функционери кои биле вмешани во некаква форма на корупција.
„Владата е најголемиот работодавач во земјата и невладините организации велат дека оваа доминантна улога на Владата во економијата создава можности за корупција. Анкетите постојано покажуваат дека корупцијата е еден од најголемите проблеми за граѓаните“, се наведува во извештајот.
Стејт департментот нотирал дека до 15 август Комисијата за спречување корупција примила 357 жалби за наводна корупција од кои потоа излегле 10 барања за кривичен прогон за сомненија за злоупотреба на јавни пари од сегашни и поранешни функционери, меѓу нив и од пет актуелни градоначалници.
Во извештајот се издвојува шестгодишната затворска казна за Никола Груевски, поради нелегално финансирање на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, како и казната затвор од три години за Сашо Мијалков, со дополнување дека тој казната затвор ја отслужува во затвор од отворен тип поради тоа што го променил неговото место на живеење.
„Министерството за правда направи работна група за да изработи амандмани на Законот за извршување на санкции со цел да се превенираат вакви ситуации во иднина, односно нешто што стана познато како `затворски туризам`“, велат од Стејт департментот.
Иако семејното насилство е нелегално, тоа било постојан проблем во С. Македонија, се наведува во извештајот. Министерството за труд и социјална политика регистрирале 662 жртви на семејно насилство од кои 463 биле жени и 83 деца. Јавното обвинителство, пак, добило 625 тужби поврзани со родово-базирано насилство, од кои 222 биле отфрлени. Скопскиот кривичен суд донел пресуда во 45 случаи за родово-базирано насилство, од кои 21 пресуди завршиле со условни казни.
Стејт департментот го потенцира и проблемот со насилство против ЛГБТ+ заедницата. Оттаму велат дека невладиниот сектор пријавил дека надлежните несоодветно ги истражувале и процесирале случаите со насилство кон оваа заедница.
„Граѓанските организации пријавиле зголемен трансфобичен и хомофобичен говор во текот на годината. ЛГБТКИ+ заедницата и понатаму остана маргинализирана, а активистите кои ги поврзуваат ЛГБТКИ+ правата пријавиле бројни инциденти на социјални предрасуди. Комисијата за заштита и спречување на дискриминација информираше дека ЛГБТКИ+ лицата и нивните поддржувачи се најчести жртви на дискриминација, особено во традиционалните и социјалните медиуми. До 30 јуни Комисијата утврди дискриминација по основ на сексуална ориентација во 15 случаи и дискриминација по основ на родов идентитет во 14 случаи“, се наведува во извештајот.
Во делот од извештајот за слободата на интернет, пак, се вели дека Владата не го ограничува или нарушува пристапот до интернет и не цензурира онлајн содржини, а нема веродостојни информации дека се обидувала да ги следи приватните онлајн комуникации без соодветно законско овластување.