„Овој напад само ја зајакна мојата намера да известувам за вистинската состојба на работите и да не се откажувам. Ако мојот ентузијазам претходно беше на 100% сега е дефинитивно на 200% и повеќе. Веднаш по нападот прашав кога можам да се вратам на работа“, вели новинарот на „Нова.рс“ Војислав Милованчевиќ за Радио МОФ.
Милованчевиќ е само еден од бројните новинари кои деновиве беа нападнати од демонстрантите и полицијата, за време на известувањето од протестите кои се случуваат во Белград, но и ширум Србија. Најавата на претседателот Александар Вучиќ за враќање на полицискиот час како мерка за сузбивање на епидемијата со коронавирусот во Србија, ги извади луѓето на улица, кои веќе седми протестираат, како пред собранието во Белград, така и низ другите градови, блокирајќи улици и слично.
Милованчевиќ, дежураше на вториот ден од протестите, на 9 јули, точно пред парламентот. До него цело време пристигале информации дека одредена група демонстранти се подготвува да предизвика инцидент и судир со полицијата. Нападот се случил нешто после 22 часот, а самиот забележал група млади луѓе со качулки и маски на лицата, која, како што вели, веднаш му станала сомнителна.
„Еден од нив во еден момент им кажа на останатите ‘сега е време, сега тргнуваме’ и се групираа, не мислам дека беа повеќе од 30, и тргнаа во масата каде се наоѓаа останатите учесници на протестот. Mоја претпоставка е дека тргнаа со намера да предизвикаат инцидент“, објаснува Милованчевиќ.
Токму тоа и била иницијалната каписла за новинарот да го извади мобилниот телефон и да сними што се случува.
„Еден од момците со качулки се сврте кон мене и ме праша ‘Што снимаш?’. Иако му кажав дека сум новинар, тоа не беше доволно. Се залета кон мене и ме удри со тупаница во левата страна на главата, односно на тилот. Претходно ги избегнав и се обидов да ги избегнам нивните напади, но третиот нивни обид беше успешен – успеаа да ме повредат. Претпоставувам дека напаѓачот имал боксирач во рака, затоа што раната која ми ја направи не може да биде направена од удар со тупаница“, објаснува Милованчевиќ.
Милованчевиќ се здобил со голема исеченица на задниот дел на главата и многу крварел, а како што посочува, повредата можела да биде многу полоша доколку не се извлечел на време.
За непријатното искуство постои и снимка на која се гледаат напаѓачите, а новинарот се сомнева на двајца од нив, едниот кој го удрил, но на снимката се гледа како му приоѓаат две лица. Полицијата му зела изјава, а тој се надева дека во наредните денови нешто ќе направи и додава дека планира кривично да го гони напаѓачот.
За непријатната случка, и околу тоа дали таа го заплаши за понатамошно известување од протестите, Милованчевиќ вели дека новинарите се секогаш на првата линија на фронтот од каде ги носат приказните на гледачите, слушателите и читателите.
„Ако се откажам сега, тоа би било мој личен пораз и признание за хулиганите. Со тоа би рекол дека тие имаат моќ, а не ние. Но, тие не се посилни од нас“, подвлекува Милованчевиќ.
Деновиве на терен било многу стресно и опасно, објаснува новинарот. Порталот за кој работи „Нова“ е дел од компанијата „Јунајтед медиа“ во чие сопствеништво е и телевизијата „Н1“ која е една од ретките опозициски медиуми во државата.
„Новинарите, вработени во ‘Јунајтед медиа’, секоја ноќ се изложени на сериозна опасност, како од хулигани кои се уфрлени да го задушат протестот од внатре, така и од самата полиција. Покрај нив, нападнати се и новинари на агенцијата ‘Бета’, колеги од ‘Ал Џазира Балканс’ на кои им е уништена опремата, како и фоторепортерот на нашиот познат телевизиски водител Иван Ивановиќ. Хулиганите него му го скршија носот со камења“, посочува Милованчевиќ.
За вербалните напади, провокациите и навредите на кои се изложени колегите тој не сака да зборува, затоа што вели дека, за жал, тие се подразбираат.
„Затоа, би ве излажал доколку ви кажам дека не е опасно да се известува од протести. И тоа како е ризично, но ние во Србија одамна се помиривме со фактот дека станува збор за нешто што се подразбира“, вели тој.
На критика кај него наидоа колегите од главните медиуми, за кои вели дека мора да престанат со подреденоста кон политичарите и „виткањето `рбет“.
„Мора да разберат дека тој политичар пред кого се поклонуваат не би постоел без нив. Дека тие се оние кои му даваат моќ преку медиумското внимание што му го посветуваат. Поради нивниот додворувачки став и активната работа на создавање поделби меѓу граѓаните, ние сме сведоци на ситуации каде новинарите од независните медиуми се напаѓаат вербално или физички. Со тоа мора да се престане доколку сакаме да живееме во колку-толку нормално опкружување“, порачува Милованчевиќ.
Регистрирани се 26 инциденти направени на штета на новинарите
Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) забележало 26 инциденти направени на штета на новинарите, односно, од обиди на полицијата да го спречат снимањето на новинарските тимови, до нанесување на физички повреди, како од полицијата, така од демонстрантите.
„Инцидентите на кои беа изложени новинарите и снимателите се движеа од тоа полицајците во неколку наврати да ги спречуваат новинарските екипи да известуваат, односно, снимат некоја одредена сцена, претежно насилна, до тоа брутално да ги тепаат новинарите и снимателите на новинарската агенција „Бета“ без оглед на фактот што новинарите се легитимирале, и без оглед на тоа што не прекршиле никаков закон, ниту го загрозувале јавниот ред и мир, туку само што ја извршувале својата работа.
Во последните три дена, насилството на полицијата врз новинарите е намалено и до такви инциденти веќе не доаѓа, меѓутоа еден дел од екстремните демонстранти упорно се трудат да ги спречат новинарите да известуваат. Од забележаните случаи, седум новинари пријавиле дека биле изложени на инциденти во кои извршители биле полицајци или некој кој се претставувал така. Во останатите инциденти, извршители биле демонстрантите“, изјавија од НУНС за Радио МОФ.
Повеќето инциденти се пријавени во полиција, а засега се знае само дека е уапсен еден напаѓач на новинарот од телевизијата „Н1“, Петар Гајиќ.
Како што објаснуваат од НУНС, за инцидентите известена е и Постојаната работна група за безбедност на новинарите, во која, покрај претставниците на новинарските и медиумските здруженија, има и претставници на полицијата и обвинителството.
„Полицијата и обвинителството се информирани за сите инциденти, воглавно преку нашето здружение, и ќе го следиме текот на сите овие случаи“, велат од НУНС.
Оттаму ги советуваат новинарите да внимаваат на директни судири на улиците, да известуваат од безбедно растојание и инцидентите да ги зумираат на камера колку што можат, без да се загрозат. Исто така, оттаму порачуваат тие да бидат јасно обележани и да се легитимираат како новинари, но и професионално да известуваат од протестите без да заземаат страна.
Здружението за новинарите обезбедило елеци и заштитни маски со ознаката „ПРЕС“, со цел репортерите да бидат што е можно повеќе видливи. Тие најавија дека ќе одржат и онлајн обука за новинари и сниматели за известувањето од загрозените урбани подрачја во среда и во четврток. Покрај ова, за новинарите, од НУНС велат дека е обезбедна правна и психолошка поддршка, здравствени прегледи и заштитна хигиенска опрема.
Најавата за новиот полициски час – капка која ја прелеа чашата
Протестите во Белград почнаа на 7-ми јули во знак на револт поради најавата за повторното воведување полициски час, поради ситуацијата со коронавирусот.
Претседателот Вучиќ, пак, на 8-ми јули, во неговото вонредно обраќање оцени дека во протестите е вклучен и странски фактор, но посочи дека безбедносните служби потфрлиле, но и дека собирот бил добро организиран.
Според Иницијативата „Не давимо Београд“ која активно работи на повеќе фронтови, луѓето се бесни затоа што власта, како што велат, ги жртвувала за да се одржат изборите, а потоа од граѓаните да направи кривци за скокот на бројката на заболени и починати од вирусот.
„Ова не е медицинска мерка, туку репресивна. Јасно е дека со овие потези, воведувањето полициски час, за кои нема законски овластувања, Вучиќ ја турка Србија директно во диктатура. Единствената цел на овие мерки е сокривање на неспособноста на власта. Народот тоа го препозна и истата вечер го преплави платото пред народното собрание на Република Србија“, велат од „Не давимо Београд“.
Протестите, додаваат од иницијативата, се иницирани од незадоволни граѓани, а она што ги обединило е состојбата во која што живеат. Таму моментално, како што објаснуваат од „Не давимо Београд“ има различни групи кои учествуваат во анти-владините протести, за кои како што велат од иницијативата, секоја со свои идеи.
„Јасно ни е дека нашата држава е киднапирана од страна на криминални политички елити, кои прават се што можат за себеси и на своите пријатели да им овозможат дополнителна заработка, со кражба на јавните добра, уништувањето на природата и човечките животи. На протестот можат да се видат и некои десничарски организации, тие се доста гласни и покрај фактот дека ги нема многу“, потенцираат од иницијативата.
Тие велат дека луѓето се оправдано гневни, а според нив власта се обидела гневот кој е таму присутен да го изманипулира со вметнување провокатори во протестите.
„Сигурни сме дека на повеќето луѓе денеска им е јасно колку е длабока узурпацијата на нашето општеството од овој криминален ‘напредњачки’ режим“, велат од иницијативата.
Секој ден е поинаков од претходниот, а токму тоа е она што ги прави овие протести автенитчни, објаснуваат од „Не давимо Београд“. Оттаму посочуваат дека сведочат на полициска бруталност и прекумерна употреба на сила.
„Имаше и вечери кога граѓаните и граѓанките одлучија мирно да протестираат, седејќи на земја и јасно оградувајќи се од подметнатите провокатори. Овие вечери присуствуваме на добро изрежирана претстава на режимот, да се вовлечат луѓето во судири и незадоволството на граѓаните да се прикаже како насилно. Иницијативата ‘Не давимо Београд’ многупати сведочеше на ‘напредњачките’ манипулации на протестите и свесни сме дека сите нереди деновиве се предизвикани од провокаторите и полицијата“, додаваат оттаму.
Улиците се полни со млади луѓе, а на овие протести им претходеа протестите на студентите кои се спротиставија на најавата за повторно иселување на студентите од студентските домови поради ширење на коронавирусот.
„Власта најде нови кривци за својата неспособност да го заштити населението од зараза. Претходно тоа беа постарите граѓани над 65 години и гастарбајтерите, а сега тоа се студентите. Додека траеше емисијата во која претседателот на Србија ги претставуваше новите мерки, студенти од сите студентски домови во Белград се организираа и отидоа пред парламентот на Србија“, велат од „Не давимо Београд“.
Мартин Колоски