Руската инвазија на Украина покрена лавина од погрешни и лажни видео содржини на ТикТок. На популарната апликација што ја користат повеќе од 1 милијарда луѓе деновиве се чести видеата кои прикажуваат стари конфликти, сцени од филмови, па дури и од видеоигри, а се претставени како снимки во живо од терен. Овие видеа стигнуваат и до милиони гледачи низ светот, пишува НПР.
„Иако е од клучно значење јавноста да остане информирана за таквите ситуации, се чини дека дизајнот на платформата е некомпатибилен со потребите на тековниот момент“, напиша Аби Ричардс од организацијата „Медиумите се важни“ („Media Matters“).
Од петокот вечерта, видеата со хаштагот #RussianInvasion добија 32 милиони прегледи, а видеата со хаштагот #RussiaUkraine собраа 132 милиони прегледи.
„Ова е првпат ТикТок да биде навистина во центар во конфликтна ситуација од ваков обем“, рече Сем Грегори, програмски директор на „Сведок“ („Witness“), непрофитна организација фокусирана на етичката употреба на видеото во хуманитарни кризи.
„И обемот на погрешните видеа ми се чини ново. Некои луѓе го прават тоа затоа што сакаат внимание, некои сакаат да го монетизираат, други го прават тоа потенцијално како погрешна информација и дезинформација“, рече тој.
Некои корисници ги користат функциите што им помагаат на видеата на ТикТок да станат вирални, вклучително и повторно користење на аудио клип со нова снимка.
Аудиото од пукотници поставено од пред почетокот на војната се користело во повеќе од 1.700 видеа пред да биде отстрането, често со треперливи снимки од камерата за да се остави впечаток дека се снима конфликт, според „Media Matters“. Групата исто така откри дека видео со аудио од експлозија во Бејрут во 2020 година било гледано повеќе од 6 милиони пати за само 12 часа.
Упатствата за користење на ТикТок велат дека ги забранува дезинформациите „кои предизвикуваат штета на поединци“, како што се видеата што поттикнуваат омраза или предрасуди. Но, се чини дека снимките што погрешно ги прикажуваат сцените од војната не ги прекршуваат експлицитно политиките за содржина на компанијата.
Од ТикТок засега нема официјален коментар.
Во изминатите два дена, се појави видео снимка без извор на која е прикажан воен филм, а која беше прегледана скоро 50 милиони пати и поттикна разговор во коментарите за тоа дали тоа е Украина. Се појави и стара снимка од албански вежби која наводно ја прикажува ситуацијата на Украина и собра речиси 15 милиони прегледа. Потоа, се прошири и видео од 2014 година, кое беше прегледано на платформата околу 5 милиони пати, а во кое се тврди дека ги прикажува украинските и руските војници „лице в лице“.
Дизајнот на ТикТок создава еден вид парадокс: ако постојано гледате видео за да се обидете да го дешифрирате дали е автентично или ако го пуштите повторно откако ќе спроведете истражување, „му кажувате на алгоритамот дека сакате повеќе од ова“, забележува Грегори.
Истражувачите како Грегори велат дека ТикТок може да направи повеќе за да им даде на корисниците алатки за брзо откривање дали видеото е лажно: можност за инстантно пребарување за да се види дали видеото циркулирало во минатото и бази на податоци каде што корисниците можат да одат за да видат дали популарното видео веќе е разоткриено.
Честопати, ако видеото е лажно, коментаторите на ТикТок ќе го истакнат тоа и коментарот ќе се искачи на врвот на делот за дискусија на видеото, но чекањето за корисник на ТикТок да открие дали видеото е лажно, често е предоцна, оценуваат истражувачите.
Грегори рече дека ТикТок има потенцијал да ги направи хуманитарните кризи и војни поживописни и опипливи за масовната публика која можеби инаку воопшто не била ангажирана, но времето поминато во гледање лажни видеа од војна не придонесува многу за разбирањето на конфликтот кај луѓето.
„Не треба веднаш да отфрлиме дека ефемерните моменти во животот на луѓето се лоши. Може да има начини ТикТок да им помогне на луѓето да се вклучат и да имаат дијалог со луѓето на фронтот“, рече Грегори.
„Но, предизвикот е да се најдат тие моменти во целата манипулација“.