Родовото и семејното насилство, предвремените и присилни бракови, неписменоста и напуштањето на училиштето, лошата економска и социјална положба на жените Ромки во Македонија и Европа, се најдоа меѓу темите по кои се дискутираше на Петтата меѓународна конференција за жената Ромка која вчера беше отворена во Скопје.
Под мотото „Напредок и покрај сé!“, на конференцијата беа разгледани направениот напредок во однос на статусот на жените Ромки во Европа, а беше направен и обид за изнаоѓање на корените на проблемите со кои тие се соочуваат. На неа учествуваа претставници од повеќе европски институции и невладини и меѓународни организации кои се бават со прашањето за поголема инклузија и зајакнување на положбата на Ромите, особено жените Ромки.
„Ромските жени и девојчиња се соочуваат со слични проблеми: стереотипи, повеќекратна дискриминација и предвремено напуштање на училиштето, присилни бракови, стерилизација… За жал, листата продолжува“, се обрати преку видео порака претседателката на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Ана Брасер. Таа додаде дека мора непрестано да се работи на унапредувањето на правата на Ромите и спречување на нивното присилно раселување, а порача и дека е неопходна нивна поголема инклузија.
Според министерот Диме Спасов, кој беше присутен на отворањето на конференцијата, жената Ромка е двојно дискриминирана.
„Нејзините потреби и проблеми поседуваат низа сличности со другите жени во Република Македонија, но истовремено таа ги чувствува и специфичните проблеми од родовата сфера, кои се карактеристични за ромската етничка заедница. Затоа, развитокот на родовите односи во ромската заедница е од примарно значење, бидејќи неретко се среќава оценката дека тие живеат во двојна дискриминација – и како жени и како Ромки“, изјави Спасов.
На дводневната конференција, освен што беше извршен преглед на досегашните меѓународни конференции, беа одржани и три паралелни работилници на темите „Стратегии за интеграција на Ромите и Локалните акциски планови и нивно спроведување“, „Зајакнување и учество на жените Ромки и Форми на родово насилство, трговија со луѓе и рани и/или присилни бракови“.
„Децата и жените треба да имаат заштита на своите права и да се третираат како луѓе, без оглед на тоа дали се Роми, номади, жители на европските земји, муслиманки, христијанки. Никој не е премлад за да преземе акција против оваа појава која не смее да се третира како културолошка или традиционална. Сé додека ги третираме желбите на постарите и традиционалните правила како нешто што може да помине, ќе имаме проблеми со присилните бракови и необразованоста кај ромските девојчиња“, изјави Софи Лот, специјален службеник во Одделението за присилни бракови на Велика Британија, кое е единствено од ваков вид во светот.
Таа истакна и дека е неопходно постоењето на повеќе вакви институции кои ќе се борат против трговијата со луѓе, присилните и предвремените бракови на Ромите и родовото и семејното насилство.
Пред крајот на конференцијата беше одржана пленарна средба на Phenjalipe мрежата на жени ромки, а беа презентирани и идните планови за работа. Конференцијата е организирана од Советот на Европа, UNDP, Интернационалната организација за миграција и Министерството за труд и социјална работа на Македонија.