За тоа каква е состојбата со правата на ЛГБТИ+ заедницата и дали постои напредок на ова поле, зборуваа Елена Михајлова-Стратилати и Вики Младенова на вчерашната презентација на публикацијата „Стандарди на Советот на Европа за заштита и спречување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет”.
Презентацијата на студијата се одржа вчера, на 15 септември, во депозитната библиотека на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
Професорката на Правниот факултет, Елена Михајлова-Стратилати, истакна дека Советот на Европа ја започна борбата за правата на ЛГБТИ лицата уште во осумдесеттите години од минатиот век.
Таа подвлече дека во последните години, во голем број европски држави има забележително назадување во однос на почитувањето на права на ЛГБТИ лицата, често поттикнато од реторика на омраза што ја вршат некои популистички политичари, притоа посочувајќи примери на национални и локални политичари кои користат говор на омраза и дезинформации за ЛГБТИ луѓето, честопати прикажувајќи ги нивните права како некаква закана за семејството, па дури и за државниот суверенитет.
Според неа, овој пристап предизвикува долгорочна човечка штета во потрага по краткорочна политичка добивка.
„Нашето општество одразува повеќе од овие состојби, каде напредокот постои, но е сегментиран, бавен, па дури понекогаш и се заканува да се врати наназад. Освен конкретни организации за застапување и поединци, речиси и не постои поопшта, граѓанска мобилизација за решавање на родовата и сексуалната омраза. Тоа е затоа што човековите, економските и социјалните права на овие луѓе сè уште се сметаат за дискутабилни. Дискусиите сè уште започнуваат со прашањето ‘дали сте за или против правата на ЛГБТИ?’“, истакна професорката Михајлова-Стратилати.
На истата линија, во својата презентација авторката Вики Младенова посочи дека криминализацијата и правното вкалапување на субјективитетот на ЛГБТИ луѓето, и покрај тоа што е правно надмината, направила големо влијание кое во различни трауматски моменти ги засилува себе-негирачките чувства.
„ЛГБТИ луѓето, најчесто, се лоцирани како такви непријатели или жртвени јарци, и следејќи ја логиката на еквиваленцијалниот синџир, од водачот или други доминантни групи (партија, религиозна групација итн.), таквиот однос понатаму се распространува омасовено на општествено ниво. Спротивно на ова, потенцијалот за отпор на ЛГБТИ луѓето не ја поддржува само борбата за нивните човекови права, туку се соединува со други борби и може да креира фронт за контра-хегемонска борба во општеството“, посочи Младенова.
Презентацијата беше отворена со воведен говор на Кочо Андоновски, од ЛГБТИ Центарот за поддршка, кој посочи дека изработката на публикацијата е во рамки на одбележувањето на 10-годишнината од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка.
,,За нас е важно објавувањето на оваа книшка, затоа што не гледам желба за големи промени кај нашите политички структури. Мислам дека тие се подготвени да го исполнат само минимумот кој го бара ЕУ и ништо повеќе. Па барем да сме свесни што е минимумот’’, нагласи тој.
Публикацијата ,,Стандарди на Советот на Европа за заштита и спречување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет” е обид да се консолидираат постоечките релевантни акти на институциите на Советот на Европа во оваа област.
Селектирани се документи кои претставуваат инструменти за застапување и даваат јасни упатства за правата на ЛГБТИ лицата. Даден е и увид во еволуцијата на еднаквоста на ЛГБТИ лицата низ „case law“- то на Европскиот суд за човекови права, а посветено е внимание и на одлуките на Европскиот комитет за социјални права.
И конечно, посебен фокус е ставен на Препораките на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ), која започнал со следење на состојбата на ЛГБТИ лицата во 2012 година, како дел од својот редовен мониторинг на сите земји членки на Советот на Европа.