Една станица на подземната железница во Лондон, што е напуштена пред 80 години, е продадена за 53 милиони фунти.
Засега не е познато кој е купувачот на метро станицата, но познато е дека тој има намера да ја претвори во простор за луксузни станови.
Станува збор за станицата „Бромптон Роуд“ која е лоцирана во центарот на британскиот главен град, во непосредна близина на познатата стоковна куќа „Хародс“.
Станицата е затворена за сообраќај уште во 1934 година, поради мал број патници. Иако одамна затворена, таа им е добро позната на Британците, а посебно на жителите на британскиот главен град, по нејзиното историско минато.
Во нејзините подземни коридори, во текот на Втората светска војна бил сместен центарот кој раководел со против-воздушните операции за одбрана на Лондон од нападите на германската нацистичка авијација. Во оваа некогашна станица на лондонската подземна железница, едно време бил чуван и испрашуван и хитлеровиот помошник Рудолф Хес, кој на почетокот од војната побегна со авион во Велика Британија.
Не е прв пат, затворените станици да се преадаптираат за други потреби, но досега немало случај една метро станица да се уреди за луксузни и скапи станови.