Повеќе од 15 илјади години трае другарувањето помеѓу луѓето и кучињата, а оттаму произлегува и аксиомата дека кучето е најдобриот пријател на човекот. Но, во земјава се забележува голема стапка на напуштање на милениците од неодговорните сопственици. Проблемите кои настануваат од ваквите исходи се големи во урбаните, но уште поголеми во руралните делови од Македонија.
Нарушување на биодиверзитетот и еко-системите, истребувањето на заштитените видови, хибридизацијата, па дури и смртни случаи се исходите кога напуштените кучиња се оставени сами на своите инстинкти, далеку од своите сопственици.
Според Диме Мелоски од Македонското еколошко друштво (МЕД), проблемот со напуштените кучиња во дивината последниве петнаесеттина години се зголемува, а па кучињата вршат притисок на дел од фауната, како што се срните и дивите кози, бидејќи се воведува уште еден, нов предатор.
„Јас имам посведочено како една срна беше удавена од куче кое што не следеше на терени. Додека извадив апарат да ја сликам срната, кучето ја имаше фатено и животното беше убиено“, истакна тој на денешната трибина.
Мелоски се надоврзува дека напуштените кучиња во дивината се и мршојади, односно доколку тие наидат на плен кој веќе е уловен од рисови или волци, тие го довршуваат пленот, што претставува голем проблем за рисовите кои што се територијани животни и не можат да се спротивстават на кучињата и да бараат нов плен.
Ваквиот проблем придонесува и популацијата на заштитениот Балкански рис да биде ставена под дополнителен ризик.
„Машките возрасни рисови не претставуваат проблем бидејќи мажјакот може да се снабди со плен, но проблемот е кај женките кои пробуваат да ги прехранат своите доенчиња. Тука може да настане голем проблем бидејќи при недостиг на храна, доенчињата стануваат поподложни на паразити и не дочекуваат полова зрелост, туку згинуваат. Само 50 отсто од младите достигнуваат полова зрелост кај рисот. И кога се работи за популација која е голема како во Скандинавија или на Карпатите, популацијата може да ги издржи овие загуби, но кога се работи за популација што е екстремно мала, како што е Балканскиот рис, кој има отприлика 40-50 возрасни единки на територија на Македонија, Албанија и Косово, тоа претставува огромен проблем бидејќи секоја загуба, возменирување на рисот може да доведе по несакани последици до популацијата“, истакнува Мелоски.
Дополнително, уште еден проблем кој се јавува е хибридизацијата, посебно помеѓу волците и кучињата.
„Волкот во Македонија, според МЕД, е во пад и една од причините е нормално тоа што волкот е ловен дивеч, но забележани се и хибриди главно во пределот на Маврово и Јасен, каде на камерата имаме видено чистокрвни волци, но и нешто што не наликува нити на куче, нити на волк и ова претставува огромен проблем“, продолжува Мелоски.
Тој забележува и дека напуштањето на кучињата веќе довело до смртни случаи во руралните средини, приказни кои според него не се истакнати во јавноста, бидејќи вниманието е посветено на урбаниот живот.
Според Мелоски, голем дел од напуштените кучиња не се снаоѓаат и не преживуваат, првично бидејќи напуштањето е огромен стрес и за самите кучиња, кои се оставени да се снаоѓаат во предели непознати за нив.
Претставникот од Министерството за земјоделство, стопанство и водостопанство, забележа дека овој проблем се провлекува и кај ловечките кучиња со природен инстинкт за лов.
Т0ј посочи дека ловечките кучиња го јадат и ситниот дивеч, но и кокошките кои се гнездат на земја, а нивните млади стануваат прелесен плен за кучињата.
„Другиот проблем е што ни дивечот не ги препознава кучињата како природен предатор. Имаме и ние видено дека кога овие кучиња ќе се појават, срните ги душкаат. И така стануваат прелесен плен за нив. Втора важна работа е што кучињата ловат во глутници“, велат од институцијата.
Оттаму додаваат дека дека од овој аспект проблем се и дивите депонии каде кучињата наоѓаат храна, па смета дека на овој проблем државата треба да му пристапи системски.
„Со високи казни и судски постапки кои траат со години не ја постигнуваме целта. Мора да се работи на подигање на јавната свест. Подигање на јавната свест уште од предшколско образование, бидејќи кучето е најголемиот пријател, но станува најголем непријател кога ќе почне да живее со инстинктите. Несовесни сопственици, имаме во последните години трансфер наместо насока со префрлање од едни на други страни, препуштање во природата, мислам дека казнувањето во државата не дава ефект, мора да ја подигнеме јавната свест преку образованието. Со чипирањето може да се реши овој проблем, но останува проблемот со овие кучиња кои сега се на улица, во шумите и ловиштата… Што со нив?“, прашуваат од министерството.
Од „Анима Мунди“ се согласуваат дека проблемот со напуштените кучиња мора да се решава системски за да се дојде до конечно, а не само парцијално решение. Оттаму посочуваат дека едукацијата не може да го спречи целокупниот проблем.
„Со години бараме законски мерки за спречување на овој проблем, одговорно сопствеништво, поголем инспекциски надзор, имаме многу малку казнети сторители имаме многу ниски казни. Бевме сведоци на решавање на проблемот со ерадикација, уништување на животните, и не се реши проблемот. Треба да бидат вклучени сите чинители, не парцијално туку целосно – здруженија и институции. Нема доволно инспектори на терен, не се реагира доволно брзо за да може да се превенира сево ова“, истакнуваат од Здружението.
Димитар Терзиевски од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) посочи дека проблемот може да се реши само преку интегриран пристап, а дополнително како уште една врска во синџирот ги посочи и концесионерите на ловиштата.
„Факт е дека сево ова спаѓа под некаква општина и таа општина е одговорна за популацијата на кучиња, што се врши преку прифатилиштата. Во законската регулатива ние ги имаме предвидено сите чекори, а имаме и ставка што се вика ‘Ресоцијализација на куче’ каде се проверува агресивноста на кучето од овластени лица. Тие вршат евалуација на агресивноста на кучето и се овластени од наша страна за да може да извршат проценка. Доколку се утврди дека кучето е агресивно, тоа не може да се врати во животната средина, туку да се вдоми од човек кој е предупреден за неговата агресивност. Чувањето на ваквите кучиња е регулирано така што за нив е задолжителна маска на отворени простори и мора да биде во придружба со полнолетно лице“, рече Терзиевски.
„Не бев свесен дека ваква е состојбата на ловиштата, дека доаѓа до хибридизација на кучињата, и дека тие напаѓаат заштитени видови како рисот, и претставува закана за екосистемот. Поради ова е потребен интегриран пристап каде мора да се вклучат лица од локалната самоуправа и општините. По наше искуство кај руралните средини, најчест изговор е дека немаат доволно средства, немаат поставено систем за контрола на популацијата на кучиња. Цо Скопје има, но во околните општини, како Сопиште – нема“, истакна претставникот од АХВ.
Додека институциите бараат системски решенија и креваат рамена на прашањата на активистите, проблемот со напуштените кучиња останува, а остануваат и заклучоците дека за решавање на овој проблем потребно е да се изработи акциски план со конкретни мерки, временска рамка и буџетски ставки.
Ивана Смилевска