Во Библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија, дванаесет македонски уметници, денес – 25 декември, ќе претстават свои ликовни дела и скулптури, со книжевни мотиви и одредници.
Со почеток во 19 часот, посетителите во Галерија Амам, ќе имаат можност да ги видат делата на Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Владимир Илиевски, Ване Костуранов, Александар Јанев, Мирјана Крстева Массети, Иван Кал’чев, Toни Попов, Миле Ничевски, Марија Трајаноска, Дамјан Ѓуров и Елена Ѓурова.
Именувана како „НарАРТива“, изложбата во организација на гевгелиската библиотека во соработка со НУ Музеј „Гевгелија“ се соочува со целта да ја долови едната од овие две насоки, поаѓајќи од позицијата на естетски и поетички разноликото творештво на современите македонски визуелни уметници – од дела кои своја подлога наоѓаат во поедичени наративни или ситуациски нишки од делата или личностите/ликовите на Е. А. По, Егзипери, Венедикт Ерофеев или В. Шимборска, преку дела инспирирани од (творештвото на) Чернодрински, Рацин и Шопов, до дела кои посуптилно или поиндиректно одразуваат некакви наративни обрасци и форми.
„Од самите прапочетоци на литературата и визуелните уметности може да се зборува и за нивни интермедијални релации кои по својата природа отсекогаш биле двонасочни. Не само што низ целокупната историја литературните дела вдахновиле и биле втемелувачки жар во процесот на создавање на голем број ликовни дела или скулптури, туку и бројни книжевни дела имаат екфрастичко-експресивен предзнак, а обете уметности комплементарно се надоврзувале во сеопштата еволуција на уметноста, поединечни правци или струи“, посочуваат организаторите.