До Народниот правобранител, родителите на деца со попреченост доставиле осум претставки заради необезбедени образовни или лични асистенти. Од институцијата велат дека потребата од поддршката за децата била потврдена со мислење на стручните тела за функционална проценка по МКФ.
Како што пренесува МИА, тие се задоволни од зголемувањето на бројот на образовни асистенти за тековната година. Истовремено, Народниот правобренител вели дека согласно претставките кои сè уште пристигаат, а се однесуваат на оваа проблематика, како и следејќи ги состојбите на терен, се стекнал со сознание дека има ученици за кои не се обезбедени образовни асистенти, иако во тек е второто тромесечие од актуелната учебна година.
„Народниот правобранител постапувајќи по предмет по сопствена иницијатива, дополнително ќе го открие вкупниот број на ученици со попреченост инклузирани во редовните основни училишта, на територија на целата држава, кои имаат потреба од образовен асистент, а истиот во првото полугодие од оваа учебна година не им е обезбеден“, соопштува Омбудсманот.
Оттаму постапувајќи по предметите, Народниот правобранител се обраќа до училиштата со ресурсен центар кои се одговорни за доделување на образовните асистенти на основните општински училишта, со барање објаснување, информации и докази за наводите во претставката. Доколку се утврди конкретна повреда на правата, се дава соодветна препорака или укажување со цел преземање на конкретни мерки.
Во две од претставките, барањата се однесувале за обезбедување образовни асистенти во средни училишта, едното општинско средно училиште од Прилеп, а другото државно средно училиште. Во Прилеп, по укажувањата на правобранителот, општината ангажирала асистент за ученикот и обезбедила три образовни асистенти.
Од канцеларијата на Народниот правобранител препорачуваат МОН да ги интензивира активностите за донесување нов Закон за средно образование и да го усогласи со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
„Во таа насока поддршката за учениците со попреченост во средното образование (образовна асистенција) да биде утврдена како системско решение. Дотогаш, со оглед дека учебната година е во тек, Народниот правобранител препорачува Министерството согласно надлежностите да ги преземе сите мерки заради овозможување на непречено образование и поддршка од образовен асистент за секое дете со попреченост кое следи настава во државните средни училишта кои се под ингеренција на Министерството, додека пак, во соработка со локалната самоуправа да се изнајде решение за учениците со попреченост вклучени во општинските средни училишта“, велат од институцијата.
Омбудсманот денеска по повод 3 декември, Денот на лицата со атипичен развој, упати и јавна порака, потсетувајќи на обврската за обезбедување услови и создавање можности за што поголема промоција, заштита и унапредување на правата на лицата со попреченост, и нивно активно вклучување, со цел активен придонес во создавањето на инклузивно општество.
„Како позитивен исчекор е отпочнувањето на процесот на изготвување на Национална стратегија за правата на лицата со попречност, тековните процеси на деинституционализација и инклузивно образование, како и законско уредување на функционалната проценка согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ), но сепак уште многу треба да се работи, особено во насока на хармонизација на националната легислатива со ратификуваната Конвенција за права на лицата со попреченост, со цел воведување на законска обврска за почитување и уживање на правата на лицата со попречност на еднаква основа со другите“, се вели во соопштението.
Народниот правобранител смета дека проблемите со кои се соочуваат овие лица се системски и долготрајни.
„Па, државата треба попосветено да се заложи за остварување на правата на лицата со попреченост, пришто, да се пристаппи кон решавање на проблемите, заеднички со лицата со попреченост и нивните претставнички организации, овозможувајќи им притоа значајно учество во процесите со што би се постигнале промени во посакуваната насока“, стои во соопштението.