Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2024 година.
Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.
Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.
Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:
- апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
- осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
- опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
- анализа;
- заклучни согледувања и
- библиографија.
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд коишто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2022 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.
Трудовите ќе се вреднуваат според следниве критериуми:
- Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
- Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
- Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
- Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија);
- Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
- Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
- Заклучоци и препораки и нивна соодветност.
Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2024 година.
Наградата е во парична форма. За првонаградениот труд изнесува 100.000 денари, додека втората награда изнесува 50.000 денари.
Повеќе детали за конкурсот може да најдете на веб-страницата на Народната банка.