Народната банка го објави конкурсот за годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2023 година. Право на учество имаат сите државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години, без вработените во Народната банка и членовите на Советот.
Од Народна банка посочуваат дека трудот треба задолжително да содржи осврт кон македонската економија на соодветната тема, а и дека не смее да надминува 80.000 знаци со празните места, без фусноти, прилози, графикони, табели, апстракт, библиографија и анекси.
„Препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови: апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL), осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува, опис на методите на истражување коишто се користат во трудот, анализа, заклучни согледувања и библиографија“, се додава во конкурсот.
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2021 година. При поднесувањето на труд што веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен истиот.
„Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: ‘За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија’, по електронски пат, во ‘word’ формат, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографија. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер. Еден автор има право да поднесе само еден труд, а трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик“, се посочува во конкурсот.
Критериуми според кои ќе се вреднуваат трудовите се:
- релевантноста на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
- соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
- јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
- соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија;
- соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
- конзистентност и логичност на тезите во трудот;
- заклучоци и препораки и нивна соодветност.
Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2023 година, а наградата е во парична форма, за првонаградениот труд изнесува 100.000 денари, а втората награда изнесува 50.000 денари.
Со наградата, од Народна банка велат дека имаат за цел да ја поттикнат научно-истражувачката мисла и да придонесат во областа на макроекономијата и банкарството, како и да ги поддржи младите истражувачи преку можноста да ја презентираат својата работа.