Народната банка на Република Северна Македонија го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2021 година.
Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.
Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македнонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.
Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:
- апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
- осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
- опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
- анализа;
- заклучни согледувања и
- библиографија.
Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 100.000 денари, додека втората награда изнесува 50.000 денари, а крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2021 година.
Сите детали за Конкурсот се достапни на следниов ЛИНК.