Народната банка на Република Северна Македонија го објави годишниот конкурс за доделување на наградата за млади истражувачи.
„Заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри, Народната банка на Република Северна Македонија доделува Годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи“, се вели во соопштението.
Право за учество на Конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.
Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:
– апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
– осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
– опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
– анализа;
– заклучни согледувања и
– библиографија.
Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со трудови коишто веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2022 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, којшто се состои од претседател на одборот и двајца членови од Народната банка. Гувернерот на Народната банка ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Народната банка. Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, без притоа да поседува информации за имињата на авторите и нивни биографии. .
Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд (прва награда) изнесува 100.000,00 денари, нето. Рокот за доставување на трудовите е до 1 февруари 2024 година.
Повеќе информации се достапни на веб-страницата на Народната банка.