Каква треба да биде безбедноста на градовите и кон граѓаните. Како системот потфрла и што треба системот да направи во иднина. Каков треба да биде инспекцискиот надзор. Како институциите да одговараат навремено. Како да не се случуват трагедии во иднина. Како да нема корупција. Како до подобри урбанистички и инфраструктурни решенија. Како да се намали загадувањето. Какви мерки да се направат за подобар транспорт, подобро образование, социјала и култура. Како да се слуша младинскиот глас. Како воопшто да се подигне квалитетот на живот и демократските капацитети во Македонија.
Сите овие работи, помалку или повеќе, денеска беа споменати пред законодавниот дом во Скопје, каде граѓанското движење „Кој е следен?“ на улицата „11 Октомври“ организираше Народно собрание, во време кога пратениците се на одмор.
„Собранието заседава, ве молиме за галама!“, стоеше на натписот на импровизирана собраниска бина на која секој можеше да се дојде, да каже што мисли и чувствува.
На една страна на улицата беа поставени столчиња, додека од другата страна микрофонот постојано одеше од човек до човек, со цел од говорницата да одекнат идеи, предлози, решенија, коментари, критики.
„Кога пратениците кои се платени од нашите даноци – одат на одмор, одлучивме ние како граѓани да се собереме и да дискутираме за своите проблеми. Да собереме различни мисли и аргументи, бидејќи само на тој начин можеме вистински да го промениме системот и да се избориме за напредок на Македонија“, рекоа од „Кој е следен?“.
„Има корупција во здравството, во администрација, во судството, но сепак најголемата корупција доаѓа од политиката и од политичарите. За да имаш успешна политичка кариера, треба да знаеш да продаваш ’ветер и магла’“, потенцираше еден млад дечко и пејач, додавајќи дека е потребно да се воведе директна демократија.
Според друга девојка, политиката треба да биде алатка за промени, а воедно политиката е центарот на ова општество, такво какво што го знаеме денес.
„Меѓутоа политиката не е родена во Македонија и во овој век, туку откако постои човекот. Им дозволивме да ни ја земат од раце. Да ја злоупотребат, манипулираат и да ја користат за нивни цели. […] Не’ терате да се собираме по места, влезови, по згради градени без лиценци, без стандарди, без безбедност. Страв ни е да седиме дома, страв ни е да излеземе надвор. Ни го одземавте се’ она што ни беше убаво и го сакавме“, рече таа.
„Со љубов учиме! Со љубов учиме за морал, вредности, слободи. Ни зборуваат за критично мислење, за гласност, за одговорност, а – околу нас?! […] Иднината е моја. Јас ќе треба да ги плаќам вашите долгови и нема да дозволам да не излезам и зборам за се’ она што мора да се смени“, дополни девојката.
Трета девојка-активистка зборуваше дека е потребно да се создададе систем во кој нема меѓусебно да се мразиме.
„Сакам систем каде ќе ги учам децата дека не постојат насилници, туку дека живеат во земја на солидарност и добри луѓе со чисти намери. Верувам дека ова е возможно, дека има надеж да се промениме сите“, нагласи таа.
29-годишен млад човек рече дека сака да живее тука, во време кога многу од неговите врсници решиле да ја напуштат земјата.
„Жал ми е што најголем успех во Македонија е да си заминеш во Македонија. А, толку е убава земјава и толку знаеме да си бидеме блиски. […] Доста стоиме на страна додека оние што велат дека ќе го поправат системот – имаат најголем ќар од него. Доста гледаме дека земјата ни тоне во се’ поголема дупка, а не се сплотуваме против оние што ја копаат. Доста велиме дека сме клет народ, додека не’ делат оние што го делат колачот“, порача тој.
Меѓу останатите, говореше млад еко-активист за подигнување на свеста за животната средина, друг за посилен и поагилен младински глас, но и млада програмерка и јога инструкторка што ја нагласи потребата за различни системски промени, додека моралните вредности се напуштени, а истовремено владеат дезинформации и оцрнувања на активистите.
„Во овој систем владее се’ освен вистина. Баш во таа потрага по вистина и критичка мисла, пред некој ден кога излегоа нападите врз ’Кој е следен?’, го однесе мојот пат да се приклучам. Да чујам со свои уши што имаат да кажат луѓето и да го проценам нивниот морал и начин на организирање. Меѓу овие луѓе видов нешто прекрасно што ме раздрма од корен, ме наполни со надеж и затоа стојам сега тука. Од долгогодишното труење, сме заборавиле како треба да биде. Како треба да изгледа едно здраво општество. Преку ова движење мораме да ја вратиме надежта дека такво општество може да постои во Македонија“, потенцираше младата девојка.
„Кој е следен?“ бара безбедност, правда и одговорност
Движењето „Кој е следен?“ пред микрофоните на новинарите, а потоа и пред насобраните граѓани, ги повтори своите барања.
Меѓу оние за безбедност и превенција е воведувањето на дигитален сервис „Е-Инспекторат“ – каде ќе биде постојано објавувано во кои објекти и локали бил спроведен инспекциски надзор, а во кои не.
„’Е-инспекторат’ сметаме дека ќе ја адресира таквата потреба, но освен тоа, неопходно е да се формира централен број. Секој граѓанин да има можност да пријави нерегуларност, а потоа надлежен од институцијата да го распореди тоа барање до соодветните инстанци“, рече Игор Антов од „Кој е следен?“.
Иницираат и барање за урбаните проблеми во градовите. Односно, како што кажа тој, институциите треба посериозно да се позанимаваат и со функционален јавен превоз.
„Како иницијатива ја поддржуваме амбицијата на ’Македонски железници’ да почнат со проектот ’Градски воз’, со што јавниот транспорт ќе добие нова димензија. Мобилноста во денешно време е неопходност и секој еден од нас треба да се најде на правото место во правото време, а моменталниот јавен транспорт тоа не го гарантира. […] Уште една мерка – одредени зони да бидат само за пешаци. Вакви мерки се потребни за да ги направиме нашите градови за луѓе, а не за машини“, нагласи тој.
Движењето „Кој е следен?“ објави нови барања за безбедност и превенција
Борјан Ефтимов од „Кој е следен?“ се осврна кон барањата за правда и одговорност за случајот „Пулс“ во Кочани, но и за многу други случаи во кои граѓани загубија животи.
„Во случајот со Кочани, нормално нашата иницијатива има дилема дали институциите ќе ја спроведат правдата на достојно ниво, па поради тоа бараме транспаретно и целосно да се објави документацијата поврзана со работењето на ’Пулс’, од 2012 година до денес. […] Бараме да се објават овие документи за да видиме дали воопшто постојат, односно дали воопшто било извршено надзор во оваа дискотека“, рече тој, дополнувајќи дека истото важи и за случаите со модуларната болница, Онкологија, „Дурмо турс“ и „Беса транс“.
Во однос на одговорноста, бараат да преземе морална одговорност и приватниот сектор. Комората на угостители и нивните здруженијата да преземат активни мерки за едукација на своите членки, со цел, како што рече, да можат и тие самите да се справат со проблемите, да се подготват и ги заштитат своите гости.
„А, не само овие комори и здруженија да бидат активни кога е потребна финансиска помош од државата, или одредена дерегулација како би ги прошириле своите тераси, или би ги намалиле своите трошоци на сметка на безбедноста на локалната заедница“, забележа Ефтимов.
Движењето „Кој е следен?“ веќе јавно се огради и од политичките партии.
За активистите нема сомнеж дека партиите имаат свои партиски и институционални механизми да се борат, доколку вистински сакаат да го променат системот.
„Обичните соопштенија и изјави на политичарите ги третираме како гол популизам. Бараме од нив активно да работат и да се заложуваат за промена на општеството во рамки на своите механизми“, порача тој.
Воедно, нагласи дека се борат против систем што гуши, убива, што го ограничува потенцијалот да се развиваат и унапредуваат како граѓани.
„Сакаме да се бориме за нас, за сите граѓани, за идните граѓани, бидејќи сакаме да живееме тука, вклучувајќи ги и граѓаните кои не се согласуваат со нас. Во однос на следните активности, како хоризонтална структура ги слушаме и нашите сограѓани – кои се нивните ставови. Па, откако ќе заврши ова Собрание ќе се собереме и донесеме заедничка одлука за следните активности“, најави Ефтимов од „Кој е следен?“.
Бојан Шашевски