Американската вселенска агенција НАСА за денеска попладне во 16.30 часот по Централноевропско време најави дека ќе соопшти „големо научно откритие“ поврзано со Марс. Прес-конференцијата на НАСА може да се следи во живо на веб-страницата на вселенската агенција. Најавата предизвика лавина од шпекулации во врска со откритието, а меѓу најбројните се оние кои велат дека НАСА всушност открила сериозен доказ дека на „црвената планета“ има вода.
Во официјалниот имејл на НАСА, испратен до медиумите, откриени се имињата на некои панелисти кои ќе учествуваат во соопштувањето на важната научна вест: Alfred McEwen, Lujendra Ojha и Mary Beth Wilhelm. McEwen е главниот истражувач на материјалот од камерата HiRISE, поставена на возилото Орбитер, кое се наоѓа на Марс, Ojha ги истражува геолошките формации на планетата кои изгледаат како да се направени од вода, а Wilhelm е вклучена во многу истражувања поврзџани со Марс, вклучувајќи ја и можноста за живот на планетата.
На Европската конференција за планетите која се одржува денеска, McEwen и Ojha треба да претстават резултати од истражување кои укажуваат дека трагите кои се гледаат на некои кратери на Марс се направени од вода која тече сезонски, што значи дека е можно на Марс да постојат извори од вода. Ова би било првпат да се покажат вакви докази, кои укажуваат на тоа дека постои можност за живот на оваа планета. Сепак, научниците велат дека за да се заклучи ова, потребни се уште години истражувања, затоа што водата сама по себе не е доволна да обезбеди живот на „црвената планета“, посебно не онаков каков што го знаеме.