НАСА започнува со истражување на неидентификувани летачки објекти со цел да добие нови информации, пренесува „Гардијан“.
Вселенската агенција соопшти дека составува независен тим кој ќе проучи колку јавни информации се достапни на темата и што е уште потребно за да се сфатат необјаснивите средби.
Експертите исто така ќе треба да истражат како најдобро да ги користат информациите во иднина.
„Не се плашиме од загрозување на репутацијата. Искрено веруваме дека најголемиот предизвик на оваа тема е скромната количина на податоци со кои располагаме“, изјавил Томас Зурбушен од НАСА.
Според НАСА, ова е прв чекор во обидот да се објаснат мистериозните средби на небото со НЛО.
Истражувањето ќе започне во есен, годинава, а ќе трае девет месеци. Истражувањето ќе чини 100.000 американски долари и ќе биде јавно, без разлика што ќе содржи строго доверливи воени податоци.
Тимот на НАСА ќе биде предводен од астрофизичарот Дејвид Спергел, претседател на Фондацијата „Симонс“ која се бави со напредно научно истражување.
„Мораме да пристапиме кон тематиката со понизност. Како астрофизичар можам да кажам дека не знаеме од што се сочинува 95 отсто од вселената. Постојат премногу работи кои не ги разбираме“, изјавил Спергел на прес-конференција.