НАСА со летало ќе удри во астероид за да тестира систем за одбрана на Планетата Земја

Како да се заштити Планетата Земја од опасен астероид? Ова сценарио е чест мотив на холивудските филмови со помош на храбри астронаути и нуклеарно оружје, но колку вакво нешто е возможно во реалноста?

Во следниве часови Американската вселенска агенција (НАСА) со вселенско летало ќе удри во астероид, со цел да тестира како да се спречи големи небески тела да ја погодат Земјата.

Замислата е дека е потребно да се направи сосема мала промена на движењето на карпата за да се избегне евентуален удар во нашата Планета.

„Дарт“ мисијата на НАСА ќе се одвива околу 11 милиони километри во вселената, на астероид наречен Диморфос.

Од Агенцијата велат дека астероидот во моментов не се наоѓа на правец кој би ја погодил Земјата, ниту пак со тестот случајно би можела нејзиниот правец да се промени кон нас.

Сударот треба да се случи во 23:14 часот по средноевропско време, а овој настан ќе го набљудуваат бројни телескопи, меѓу кои и новиот супер-телескоп „Џејмс Веб“.

Infographic

Фото: Би-Би-Си

Мисијата ќе се обиде да ги провери теориите преку судар со Диморфос со брзина од преку 20.000 километри на час. Ова би требало да ја промени орбитата околу многу поголем астероид, наречен Дидимос, за неколку минути секој ден.

Од НАСА ветуваат спектакуларни снимки од сударот на „Дарт“ леталото во астероидот.

„Дарт е првата тест-мисија за планетарна одбрана, која треба да демонстрира дека судар на вселенско летало во астероид може да ја помести неговата позиција во вселената. Ова е нешто што, доколку ни е потребно, ќе може да се направи неколку години однапред за да се изврши мало поместување на астероидите со цел да се избегне евентуален судар со Земјата“, објаснува д-р Ненси Чабот, од Универзитетот „Џон Хопкинс“, која ја предводи мисијата.

Гаѓањето на Диморфос ќе биде вистински предизвик, бидејќи мисијата ќе има само околу 50 минути да направи разлика помеѓу астероидот кој треба да го погоди и 780-метарскиот поголем астероид Дидимос. Во тој период софтверот за навигација мора да ја прилагоди траекторијата на леталото за да го направи директниот судар.