Насилството во училиштата сè уште стигма, учениците треба да се охрабрат да зборуваат за проблемите

Врсничкото насилство остава последици кои жртвите ги носат цел свој живот, дури и како возрасни лица. Иако станува збор за сериозен проблем со кој се соочуваат многу млади, сè уште е табу меѓу нив и се плашат да зборуваат за тоа. Ова е заклучокот кој го изнесоа психолози и ученици на јавната дебата „Психофизичкото насилство во училиштата: реалност или табу?“, одржано денес во Младинскиот клуб.

Најголем проблем кога станува збор за насилството во училиштата, е тоа што меѓу учениците постои мислење дека да се разговара за проблемите со психолог е нешто срамно, вели средношколката Ромина Јованова, која учи во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Според неа, еден начин за справување со насилството е да се зголеми информираноста дека психологот е таму да помогне.

„Психологот постои токму за да им помогне на учениците со таквите проблеми. Меѓу учениците се шири мислењето дека на психолог се оди само кога професорите те праќаат бидејќи си бил немирен,  ако направиш некоја глупост или ако имаш лоши оценки. Затоа мислам дека треба да се зголеми информираноста на учениците, не само за улогата на психологот, туку и за тоа зошто треба да се оди кога некој се соочува со таков проблем и како може да му се помогне“, вели Јованова.

Гордана Блажевска Спиридонова, психолог во СУГС „Никола Карев“, вели дека сепак состојбата е многу подобрена.

„Треба многу време да се прекине табуто и стигмата дека да се оди на психолог не значи дека си болен“, вели психологот. Додава дека кај неа како психолог, насилство пријавуваат и ученици и наставници и родители, но иако поретко, понекогаш се обраќаат и самите лица кои трпат насилство.

Како проблем посочува и дека е лесно насилникот да стане жртва на насилство и дека доколку некој покажува слабост, место да се разговара со него, општеството го гледа како слабак.

„На некој начин ние сè уште одржуваме култура „око за око, заб за заб“, велејќи дека ако некој е жртва треба сам да се снаоѓа и дека така се станува посилен. Ни недостасува култура на емпатичност“, додава Блажевска Спиридонова.

За последиците на наислтвото врз адолесцентите зборуваше и психологот Марија Стефанова.

„Кога еден адолесцент е изложен на насилство, има проблеми при градењето како личност, како во психолошката и емоционалната благосостојба, така и при создавањето на сликата за себеси. Поради тоа, лицето кое било малтретирано има пониска самодоверба. Тоа е погубно за личноста, бидејќи тогаш ја формираме сликата за себе која ја носиме цел живот“, смета таа.

Таа додава и дека тоа е само една од последиците на психофизичкото насилство врз адолесцентите. Меѓу нив се и депресивното расположение, депресијата, самоубиствените мисли, анксиозноста, како и тешкотии при понатамошно влегување во врска.

Насилството помеѓу учениците е еден од најсериозните проблеми кои го загрозуваат нивниот развој, здравјето и добросостојбата, основните права, достоинството и оставаат долгорочни последици врз индивидуата, наведуваат организаторите на дебатата, „Младите можат“.

Со таа цел, тие го организираа настанот за да се развие дискусија за постоењето на сите видови на насилство во училиштата, да ги поттикне младите и воспитно-образовниот кадар да укажат на фаталните последици кои оставаат длабока трага врз жртвите и да преземат чекор во искоренување на истото.

С.Т.