Прирачникот за безбедност на новинари, како продолжение на досегашните дискусии на прашања поврзани со безбедноста на медиумски работници беше презентиран денеска во Јавното обвинителство на Македонија од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во соработка со Јавното обвинителство и Министерство за внатрешни работи. На настанот говорниците порачаа дека во денешно време насилството има различни форми и затоа овој прирачник ќе помогне во препознавање на предизвиците со кои се соочуваат новинарите.
Заменик амбасадорката на Холандската амбасада во земјава, Манон Џенсен на настанот ја истакна клучната улога на новинарите и слободата на говор во секое демократско општество.
„Новинарите се клучни во борбата против дезинформации, а за да можат активно да ја бијат оваа битка треба да бидат заштитени. Новинарството е јавно добро, новинарите треба да можат да работат без страв од напади, само во таква ситуација можеме да имаме општество каде што владее правото, а новинарите ќе можат да работат без страв за нивната безбедност и опасност од одмазда“, изјави Џенсен.
Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, порача дека нападите врз медиумските работници се мултиплицираат.
„Денес нападите кон новинарите не мора да значат само физичко насилство. Вербалните закани и малтретирањата, преку онлајн платформи, се проблем. Новинарките се особено изложени на родово заснован говор на омраза и мизогинија, што дополнително го отежнува нивното работење. Новинарите сè почесто се соочуваат и со правно насилство. Случаите на SLAPP тужби, кои се насочени кон замолкнување на новинарите преку исцрпување на нивните ресурси, се сериозен удар за нас. Неоснованите тужби, од политички или економски моќници, се закана за слободата. Економското насилство е уште еден голем предизвик. Несигурните услови за работа, ниските примања и честото прекршување на работничките права создаваат атмосфера на страв и самоцензура“, појасни тој.
Чадиковски ги повика полицајците, обвинителите, судиите, да не дозволат интересот на граѓаните да потоне во морето од предизвици.
Елвин Вели, претседателот на Здружението на јавни обвинители рече дека сторителите на напади врз новинари треба побрзо да се идентификуваат и соодветно да се санкционираат.
„Здружението на јавните обвинители исто така се вклучи и даде придонес во изготвувањето на овој прирачник, кој очекувам да биде навистина корисна алатка, не само за новинарите кои евентуално би се нашле во ситуација кога нивната безбедност би била загрозена, туку и за органите кои би постапувале во такви предмети. Исто така, целта на прирачникот е да делуваме заеднички и кон целокупната јавност, во еден дел и превентивно, за да демонстрираме дека нападите врз новинари и медиумски работници се недозволени и дека ќе бидат санкционирани“, посочи Вели.
Автори на Прирачникот за безбедност на новинари се Никола Дујовски, професор на факултетот за безбедност и уредник на прирачникот, Билјана Арсовска од Основното јавно обинителство, Тони Ангеловски, Министерство за внатрешни работи и Иван Брешковски, адвокат.