Насмеани и збунети лица – „Ќелавата пејачка“ го затвори „Лица без маски“

Синоќа се одржа и последната престава во рамките на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“. Честа да го затворат овој фестивал ја имаа токму домаќините – Театар 007, кои пред љубителите на театарот се претставија со апсурдната „Ќелавата пејачка“ на Ежен Јонеско.

театар

Оваа апсурдна комедија, во режија на Игор Ивковиќ, за скопската публика ја играа младите актери Анѓела Наумоска, Филип Кипровски, Јана Пауноска, Дарко Богески, Илина Матеска и Фаик Мефаилоски. Приказната за лажната учтивост, лицемерието и нелојалноста, слика за тоа во што луѓето се претвораат следејќи ги шаблоните на општеството, а заборавајќи кои се самите, преточена низ играта на актерите, повеќето присутни ги остави со насмевка, но и со збунет израз на нивните лица. Креативна, современа, дрска, со реплики кои ни најмалку не би ги очекувале и понекогаш немаат никаков смисол – вистински театар на апсурд. А оние кои го очекуваа појавувањето на „Ќелавата пејачка“ тешко сфатија дека таа нема да се појави, исто како и Годо…

Иако тематиката на претставата на повеќемина им беше нејасна, а ненадејните премини во приказната неочекувани, и со сигурност можеше да се каже дека не секој „лесно би ја сварил“, одлично беше преточена во актерска игра и беше и повеќе од забавно да се гледа. Впрочем, тоа е и поентата на една апсурдна драма – да ве замисли, да ве збуни, да ве натера да се запрашате која е поентата на сето ова, па и на самото постоење? Несовршеноста на оваа драма, базирајќи се на нејзиниот жанр, всушност ја води до совршеност. Затоа и на крајот беше наградена со жесток аплауз.

Инаку, Театар 007 е независна театарска институција основана во 1997 година. Овој театар е можеби и единственото место на кое ќе најдете алтернативна и експериментална театарска естетика во Скопје. Тие ги негуваат алтернативните изразни средства: пантомима, музика, танц, а понекогаш и сé заедно, како на синоќешната претстава. Со овој независен скопски театар раководи продуцентот Миодраг Костиќ, кој воедно е и директор на фестивалот. Театар 007 има учествувано на повеќе домашни и меѓународни фестивали, меѓу кои Јужна Кореа, Литванија, Австрија, Босна и Херцеговина, Словачка, Словенија, Русија, Србија, Бугарија, Белорусија, Италија.

Стефанија Тенекеџиева