Настап на дуото Омерагиќ-Спировски и трибјут на Дејвид Линч вечер во „Буква“

По подолго време, дуото Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски повторно е во акција, со свирка во „Буква“ после која ќе има вечер посветена на еден од великаните на филмската уметност, неодамна починатиот Дејвид Линч.

„Дуото е плод на повеќе од децениско пријателство и силно музичко партнерство во голем број на бендови. Всушност, во најголемиот број на состави во кои учествува едниот, учествува и другиот. Факт кој веруваме доволно добро ја опишува длабочината на оваа музичка врска. Во овој дуо формат досега имаат издадено само еден албум. Интересно што и тој не е со нивните стандардни инструменти, туку е албум снимен на две пијана. Сепак, претпоставуваме дека оваа неатрактивна бројка набрзо барем малку ќе се подобри“, соопштуваат од Буква.

Концертот ќе започне најдоцна во 20:45, бидејќи музичката програма треба да заврши најдоцна до 21:45.

По ова, следува програма спремна од Јане и Лени во чест на култниот режисер Дејвид Линч. Освен музиката филмовите на Линч ќе има и проекција на избрани инсерти.

„Со заминувањето на Дејвид Линч, светот изгуби една од најуникатните фигури на современата уметност. Како режисер, музичар и визионер, Линч го претвори обичното во необично, секојдневното во надреално. Истовремено ги истражуваше, ги прикажуваше и мракот и светлината во човековата душа. Неговите дела, од култниот долгометражен првенец „Eraserhead“ до незаборавниот серијал „Twin Peaks“, инспирираа генерации автори и оставија трајно влијание врз кинематографијата. Неговата поврзаност со надреализмот, духовноста и трансценденталната медитација создаде врска меѓу уметноста и метафизиката, правејќи го еден од најзначајните креатори на нашето време“, пишува во најавата на Јане Алтипармаков, што воедно е осврт кон ликот и делото на Линч, објавен и на веб-порталот Трн.мк.