Еден од најистакнатите италијански техно артисти и електронски иноватори – Brando Lupi [Detune Records // Rome, IT] за првпат доаѓа во Скопје. Настапот е закажан за 22 март, во Сити Хол Центар со почеток во 23 часот.
Brando Lupi е продуцент, музичар, диџеј, фотограф…Неговото влијание се движи во опсегот од пост индустрискиот рок – преку експерименталната електроника – до модерната класика. Овој Италијанец неодамна ја компонираше музиката за филмот „La Solitudine Dei Numeri Primi“, саундтрак потпишан од страна на Мајк Патон, лидерот на Faith No More и презентиран на 67-от Венециски филмски фестивал.
Сопственик е на издавачката куќа Detune Records, основана во 2000 година, а има издавано за Kompakt, Elettronica Romana, Dewtone Recordings, Orange Groove, Samuvar, Mental Groove.
Домашна поддршка на гостувањето во СКопје ќе му дадат Marko Rikaloski, Martchin & Andonoff Toci и Аndreas Hz, а за визуелизациите е задолжен Lazy Kidz Visualz.
Настанот го организираат BTKRSH & Electrified Sessions, а картите во претпродажба чинат 200 денари во Југотон ГТЦ, салоните на ONE и продажната мрежа на МК Тикет. Билетот на врата е 250 денари.