Овој четврток од 21 часот Wonderlust ќе биде домаќин на настапот во живо на Post Global Trio, но и на „Фратино“ – изложба на Тони Димитров.
Post Global Trio за својата музика велат дека е сочинета од теренски снимки, суптилни делници и текстури, и незабележливи репетитивни ритми кои резонираат некаде помеѓу апстракцијата и наративниот тек, оставајќи го слушателот без здив со својот звучен тек.
„Вметнатиот медитативен амбиент и теренските звуци ве носат низ имагинарни пејзажи, раскажувајќи приказна за чувствата и природата. Нивните настапи се искуство кое може да се почувствува на патување низ далечните територии на македонските планини каде се снимени користените теренски снимки, давајќи јасни слики на суптилните звучни пејзажи. Иако се стреми да биде конкретен до одреден степен, звукот на Post Global Trio сепак се раслојува во апстрактни слоеви, останувајќи мистерија која се ужива и без да се разбере во рамките на својата карактеристична категоризација и импулси. Наменето за уживателите на тишината, звукот на природата, звучните пејзажи, теренските снимки…“, стои во најавата за настанот.
Post Global Trio е проект помеѓу Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски, кој, како што велат, настанат е како континуитет на одредена комуникација, соработка и како нужност за развивање на одредена сцена.
Нивното прво издание е достапно на издавачката етикета post global recordings, вториот албум се појави за американската етикета Unknown Tone Records, додека третиот за австралиската Twice Removed Records. Во подготовска е и нивниот четврти албум. Досега свои настапи забележуваат во Македонија, Србија и Холандија.
Во однос на делата од изложбата на мултимедијалниот уметник, Тони Димитров, тие се создадени летото 2011 година во Васто, Италија,за време на проектот Bitta generation.
„Креирани се на сончевите песочни плажи на малиот јадрански град, како протест против можното уништување на самите плажи кои се претворени во природни резервати поради гнездење на еден редок ендемски вид мала птица – фратино. На само километар од резерватот странските корпорации прават бушотини за експлоатација на нафта. Доколку се дозволи експлоатацијата на црното злато ќе се случи замирање на резерватите од страшните хемиски истекувања кој го зафаќаат целиот крајбрежен регион“, се вели во соопштението за изложбата.
Покрај протестите кој беа одржани со локалното население во гратчето Термоли, во Васто се работеше и на уметнички креации (графички, стрип и видео) за изложба токму на оваа тема, кои, вели авторот, ќе имаат за цел будење на локалното население околу овој проблем и навремена реакција кoја ќе го спаси регионот од еколошка катастрофа. Делата произлезени од проектот беа изложениво градската галерија во Васто.