Наставата во второто полугодие од учебната 2021–2022 година ќе се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование.
Ова е одлуката од денешната владина седница, по препорака на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ. Таа доаѓа откако надлежните го поместија почетокот на второто полугодие за 1 февруари поради зголемување на бројот на новозаразени од КОВИД-19.
Од Владата повикуваат на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство.
Од УНИЦЕФ, пак, го повторија нивниот став дека затворањето на училиштата не би требало да биде прва реакција, туку тоа според нив би требало да следи откако се исцрпени сите други алтернативи.
Според нив, учењето на далечина треба да се применува само како крајна мерка, бидејќи покрај загубите во учење, тие забележуваат дека затворањето на училиштата имало негативно влијание и врз менталното здравје на децата и го зголемило ризикот од насилство.
„УНИЦЕФ повикува на национална солидарност со децата за отворени и безбедни училишта. Централната и локалната власт треба да ја зајакнат поддршката за училиштата со неопходни ресурси за да можат да ги применуваат докажаните превентивни мерки, да го надоместат пропуштеното учење и да воведат нови програми за поддршка на менталното здравје и благосостојбата на децата“, стои во нивната реакција.
Од УНИЦЕФ ја повикаа и јавноста да го исполни својот дел во спречување на ширење на вирусот во заедницата преку одговорно однесување, носење маска, хигиена на рацете, физичко растојание и вакцинирање против КОВИД-19.
Покрај ова, Владата одлучи да се намали периодот на изолација за лицата заболени од КОВИД-19 како и периодот на самоизолација/карантин на лицата кои биле во близок контакт со потврден случај.
Па така, лицата кои се позитивни на коронавирусот, а немаат симптоми на болест, им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита како носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метри, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање.
За лицата кои се позитивни на КОВИД-19 и развиле симптоми, ќе им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето, плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура.
„Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на КОВИД-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита“, појаснуваат од Владата.
Оттаму посочуваат дека исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин треба да има за вакцинираните против КОВИД-19 со две или три дози, со тоа што од последната доза не поминале повеќе од шест месеци, или ако го прележале вирусот, а позитивниот тест не е постар од шест месеци.
Лицата кои се блиски контакти, а кои се вакцинирани или го прележале вирусот се исто така исклучени од самоизолација/карантин, но како што истакнуваат од Владата, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај.
Датумот на последниот контакт со потврдениот случај се смета за нулти ден, информираат од Владата.
Емилија Петреска