Прекинот на штрајкот и постигнатиот договор на СОНК со министерот за образование го обврзуваат Наставничкиот пленум уште понеколебливо да ја продолжи својата активност за сите наталожени проблеми во основното и средното образование, соопштуваат од овој пленум.
„Во таа насока сакаме да истакнеме дека никој освен нас, наставниците, професорите и ученците не може подобро да ја познава состојбата во образованието и сите проблеми со кои секојдневно се соочуваме. Како наставнички пленум, ние инсистираме да бидеме директно вклучени во измените и носењето нов закон што нè засега нас и нашите ученици.
Нашиот став е дека екстерното тестирање е само капка вода во морето од проблеми и дека истото никогаш нема да го подобри ниту знаењето, ниту одговорноста кај завршениот срденошколец. Би сакале да истакнеме дека, освен екстерното тестирање, имаме уште многу други проблеми врзани со квалитетот и недостатокот на учебниците, но и со недоволно осмислените и несоодветните програмите. Досега ништо од спроведените реформи не придонесе во насока на подобрување на состојбата.
Токму затоа ние бараме повлекување на екстерните испити и инсистираме да бидеме вклучени во секоја наредна анализа и обработка на законите со наши предлози и мислења. Знаењето на учениците е пред сè наша одговорност и ние не сакаме да бегаме од неа! Сакаме да се чуе нашиот глас, нашиот став и нашите мислења. Ние не сме статисти, туку актери во креирањето на иднината на младите. Нема да престанеме да се бориме за подобро образование! Тоа им го должиме на нашите ученици, на нивните родители и на нашата земја!“, се вели во соопштението на Наставнички пленум.