По две години владини мерки против Ковид-19 и затворање на училиштата, илјадници наставници во Белгија од француско говорно подрачје излегоа на протест во Брисел за да се пожалат на работните услови и финансиските кратења.
Според организаторите на демонстрациите за севкупната фрустрација придонесуваат големиот број ученици во одделенијата, недостатокот на кадар и запуштени училишта. Наставниците велат дека се уморни и дека не можат повеќе да ги издржат ваквите услови.
„Даваме сè од себе за нашите ученици. Правиме сè на компјутер. Се обидуваме да се справиме со прашања, изостаноци, болести, едноставно сме уморни“, рекол еден учесник на протестот за Еуроњуз.
„Нашите одделенија се преголеми, со ученици со попреченост на кои им е потребна наша помош, на кои им треба дополнителна поддршка додека останатиот дел од учениците прават нешто друго. Моето главно барање е да се намали бројот на ученици по одделение“, додал друг наставник.
Последниот протест на наставниците од француско говорно подрачје бил во 2011 година, но сега има повеќе бес и поддршка од сите синдикални организации. Тие обвинуваат дека протоколите постојано се менуваат и дека најголем дел од своето време сега го поминуваат во менаџирањето на ученици кои се отсутни од часовите.
Но, покрај нивните проблеми, тие обвинуваат дека властите ги интересира само како да се намалат трошоците.
Министерот за образование на Валонија, Пјер Ив Жехоле, изјавил дека ќе бидат обезбедени дополнителни средства за менаџирање на пандемијата, но потенцирал дека тие средства не се неограничени.