Повеќе наставници од основните училишта денеска ги информирале учениците и родителите дека не им се потребни дополнителните работни тетратки и вежбанки, кои ги купија токму по нивните претходни совети, за да се подобрела наставата. На родителите, кои денеска ги носеа дополнителните работни тетратки, од кои некои чинат и по 450 денари, им било советувано да ги чуваат дома и да вежбаат на нив со учениците „по потреба“, пишува Плусинфо.
Ваквите совети на наставниците следуваат еден ден откако министерот за образование и наука Спиро Ристовски најави дека ќе следуваат ригорозни парични казни за наставниците кои не ја почитуваат одлуката на министерството и на своја рака им „бараат“ на родителите дополнителни учебни помагала, надвор од оние пропишани со наставните програми. Јавна тајна е дека со години наназад многу наставници, покрај редовните книги, кои ги плаќа државата, бараат да се купат и други книги, тетратки за вежбање, посебни темпери, боички и друг прибор, често од точно одреден производител.
Родители се жалат дека државните институции и наставниците, иако земаат плата од исто место, имаат различни мислење за тоа што им е потребно на учениците во текот на школската година.
– Ќерка ми е петто одделение и годинава, како и лани, ни рекоа дека треба да купиме работни тетратки по англиски и математика. Иако ни беше нагласено дека тетратките не се задолжителни, ни беше речено дека е „за нејзино добро“ да вежба на нив и дека би било добро да ги имаме. Ако е за вежбање, тогаш децата може да вежбаат и во било каква тетратка или на бел лист. Два аршина ни удираат кога треба да се купи нешто. Претходните години плаќавме за „Развигор“ и „Другарче“, а од него децата ништо фајде не видоа, ниту го читаа на училиште, ниту пак од него учеа – вели скопјанката Соња Коцева.
Целиот текст прочитајте го на Плусинфо.