Наставниците се против екстерното оценување, но нема да штрајкуваат

Наставниците против екстерното оценување, но нема да штрајкуваатЕкстерното оценување започнува во понеделник! И покрај сите реакции од страна на учениците и наставниците кои се против оваа новина во образованието, од Синдикатот на просветните работници (СОНК) за Радио МОФ велат дека Министерството за образование и наука е решено да го истурка проектот до крај.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков ги демантира информациите во јавноста дека професорите се подготвуваат за штрајк против екстерното оценување и вели дека преговорите помеѓу СОНК и министерството за образование, кои започнаа во понеделникот, одат во добра насока.

„При средбата со министерот утврдивме некои работи за решавање на проблемите, по што одлучивме дека нема логика за организирање на протест. Поконкретно, се договоривме оценувањето на наставниците од прво до трето одделение, предметите во вештини и оние во средните стручни училишта да бидат ставени во мирување. Со ова наставниците ќе добијат време за да ги приложат сите докази за тоа како ја составиле оценката за учениците“, вели Неделков за Радио МОФ.

Тој додава дека на средбата со министерот за образование и наука, Панче Кралев им било кажано дека екстерното оценување ќе се спроведе, без разлика на нивните следни чекори.

Од Министерството за образование и наука за Радио МОФ исто така потврдија дека екстерното оценување ќе биде спроведено како што е планирано, од 27 мај до 10 јуни, во цела Македонија.

Околу 500 средношколци од тетовските училишта вчера одржаа протести во центарот на градот, на кој побараа укинување на екстерното тестирање. Протести имаше и во гимназијата “Добри Даскалов“ од Кавадарци а најавени се и во другите градови. Според учениците, ваквиот вид тестирање, замислено како контрола на оценувањето во текот на годината им предизвикува дополнителен стрес, и не ја гледаат потребата од екстерното тестирање.

Според најавите од министерството, резултатите од екстерното оценување нема да влијаат врз претходно добиената оценка од страна на професорот, но ќе влијаат врз вкупниот успех на ученикот, бидејќи во еден дел од свидетелството ќе бидат испишани оценките од професорите, а во друг оние од тестирањето.

Учениците ќе полагаат по два предмета кои ќе бидат избрани по случаен избор, а за тоа кои предмети ќе ги полагаат, учениците ќе бидат информирани седум дена пред почетокот на тестирањето.

К.О.