Двајца американски конгресмени ја номинираа активистката за човекови права Наташа Кандиќ и Српскиот хуманитарен правен центар, кој ги документира прекршоците извршени за време на југословенските војни, за престижната награда.
Роџер Викер и Елиот Енџел ја номинираа Кандиќ за Нобеловата награда за мир за 2018 година.
„Ние сме убедени дека такво признание ќе ја продолжи каузата за мир и помирување во овој, и други проблематични региони во нашиот свет“, изјавија Викер и Енџел во нивното заедничко писмо до Норвешкиот комитет што ја доделува наградата.
Кандиќ ја основа организацијата во 1992 година за да ги документира прекршувањата на човековите права за време на конфликтите во поранешна Југославија.
Според двајцата конгресмени, „темелната документација на Хуманитарниот правен центар за овие злосторства стана суштински за спроведување на правдата, како во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, така и во коморите за воени злосторства во регионалните земји”.
Во писмото со номинацијата стои дека Правниот центар на Кандиќ продолжил да работи во непријателска средина во Србија, но дека неговите напори спречиле дополнителни прекршувања на човековите права.
„Наташа Кандиќ останува инспирација за новата генерација на посветени млади професионалци кои сега го предводат Хуманитарниот правен центар“, велат Викер и Енџел во своето писмо.
Кандиќ сега се залага за воспоставување на регионална комисија која ќе направи листа од сите кои биле убиени, се исчезнати, затворени и мачени во сите конфликти во поранешна Југославија.
„Ние сме почестени од номинацијата, што не охрабрува да продолжиме со нашите напори“, изјавија од Центарот за БИРН.
Оттаму додаваат дека нивната цел е да ги разоткријат сите злосторства и одговорните за нив, и да им помогнат на жртвите без разлика на нивниот етникум.
Во меѓувреме, Кандиќ изјави дека е изненадена од номинацијата, со оглед на тоа дека „државите од поранешна Југослација се уште не се соочиле со нивното минато и не се добри примери за демократска транзиција“.