„Една година во пандемија. 11 месеци од барањето за ‘Простор анти корона’ заедно со Одржливи иницијативи и уште 40 организации до Влада, Министерства, Град Скопје, општините. И по 11 месеци реални мерки за олеснување на јавниот превоз и реална алтернатива – нема“, реагираат од иницијативата НаТочак.
Вело-активистите велат дека препораки за 50% капацитет не се мерки, ако не се обезбеди алтернатива за другите 50%.
„Некоја велосипедска патека тука и таму, не се доволни. Би ви биле доволни за движење со автомобил?! Потребна е велосипедска мрежа низ целиот град, низ секое маало, исто како што има мрежа за автомобили“, забележуваат од НаТочак.
Без оглед дали ќе заврши пандемијата наскоро или ќе трае подолго, велат тие, спроведување на велосипедска мрежа ќе има позитивни ефекти уште повеќе во пандемија, но и вон пандемија.
„Здрава активност е, движење на отворено е, не загадува, помал ефект на климатски промени, поголема безбедност. Не гледаме причина зошто да не се заложиме за тие цели како општество? Барањето за #ПросторАнтиКорона и #ПросторЗаЗдравје е уште актуелно!“, се вели во реакцијата на НаТочак.
Инаку, во април лани, здружените активисти и организации испратија отворено писмо до надлежните институции барајќи да се преземат дополнителни итни мерки кои ќе овозможат зголемено дистанцирање меѓу поединци, односно спречување на ширење на вирусот, а при тоа ќе овозможат луѓето побезбедно да се движат.
Нивниот предлог за итни мерки се состои во поттикнување на луѓето да користат велосипед или да одат пеш преку зголемување на површините за овој вид на учесници во сообраќајот. Притоа, на улиците каде има доволно широк коловоз да се воведат велосипедски ленти, а на улиците од понизок ранг, односно маалските улици кои немаат воопшто или доволно широки тротоари, или тротоарите се користат за паркирање, да се воспостави зона 20, поточно ограничување на движење од најмногу 20 км/ч со цел да се овозможи безбедност за пешаците, велосипедистите и моторните возила на коловозот.
Активистите рекоа дека во ситуација на значајно редуциран автомобилски сообраќај, овие интервенции е лесно да се реализираат без никакви негативни ефекти, како што покажува евалуацијата направена во Берлин.