Иницијативата „НаТочак“ реагира на последниот случај на исцртување вело-патеки со црвена боја во Гевгелија, каде се видливи нерамнини, вдлабнати шахти, а проблематична е и широчината на патеката.
„По Тетово и Охрид имаме уште еден град каде само се нанесува боја за да се нарече велосипедска инфраструктура. Како и што видовме во Тетово, Охрид и во Скопје пред почетокот на Скопје Велоград, цртање боја не прави безбедна инфраструктура. Пред се потребно е да се смени подлогата (да не биде со дупки, распукан асфалт и потонати шахти), а понатаму потребни се физички препреки за да може безбедно да се возат велосипедите. Се друго е импровизација која не ја зголемува безбедноста, дури и може да води кон обесхрабрување од изведба на пообемна и квалитетна вело инфраструктура бидејќи постојната нема да се употребува. Истото важи и за скоро бескорисните спирални паркинзи за предно тркало, истото важи и секоја супстандардна импровизација“, велат од НаТочак.
Оттаму бараат Министерство за Транспорт и Врски, во соработка со Град Скопје и останатите општини конечно да го донесе Правилникот за планирање, проектирање и изведба на велосипедска инфраструктура на кој имаат работено, и за кој велат дека стои во фиока над 5 години.
„Се дури не се донесе правилник кој би ги обврзувал изведувачите и планерите, ќе гледаме вакви супстандардни решенија кои служат единствено за фалење од страна на општинските власти“, додаваат.
Општина Гевгелија пред два дена соопшти дека почна машинското обележување на велосипедската патека. Според склучениот договор, велосипедската патека ќе биде обележана на површина од 2000 метри квадратни, со црвена боја.