„Дали е нормално простор кој е предвиден како пешачка зона, во кој се инвестирани јавни средства и е поплочен и уреден да биде пешачка зона, да се користи за нелегално паркирање автомобили и тоа да се толерира од сите, почнувајќи од општинска, градска власт, па и МВР“, реагираат од #НаТочак.
Од Иницијативата посочуваат дека е загрижувачко за имиџот на Скопје пред посетителите, најрепрезентативниот дел на градот, Малиот ринг, да личи како паланка.
Оттаму дополнуваат дека загрижувачко е и чувството на жителите дека овој град не им припаѓа ним, туку на некои привилегирани паркирачи, загрижувачко е здравјето, физичко и ментално.
„Ова не е нормално, но толку е нормализирано да се паркира кој каде сака, што е загрижувачко! Проблемов мора да се реши! МВР мора да ги ‘исчисти’ пешачките зони и патеки и да го врати човечкото достоинство и безбедност при движење во просторот! Градот Скопје мора да воведе ефикасен јавен превоз кој ќе опслужува побрзо и поквалитетно од приватниот автомобил“, велат од #НаТочак.
Според Иницијативата, низ Мал Ринг мора да поминат велосипедски патеки, како и по Рекорд и по други улици.
„Сите велосипедски патеки од запад и исток на градот слепо удираат во Мал Ринг. Тоа е решението на проблемот. Прво тие 3 чекори, па на последно место соништа дека со нови катни гаражи ќе се реши нешто, видовме дека стануваат шопинг центри“, дополнуваат #НаТочак.